Линкови за пристапност

Стејт департментот најавува ревизија на извештајот за глобалниот тероризам - 2004-06-11


Американскиот Стејт департмент вчера јавно призна дека имало грешки во неговиот најнов извештај за глобалниот тероризам со тоа што значително бил намален бројот на терористичките напади и жртвите од нив во текот на минатата година. Стејт департментот тврди дека тоа не бил намерен обид учинокот на владата на Буш бо борбата против тероризмот да се направат подобар отколку што навистина е.

Стејт департментот потврди дека извештајот за глобалниот тероизам објавен во април содржел значителни грешки и дека корегираната верзија, што е во подготовка, ќе покаже дека бројот на терористичките напади и жртвите во 2003-та се зголемил, а не се намалил како што беше претходно наведено.

Стејт департментот се реши да направи повторна евалуација на извештајот на почетокот на овој месец, откако приватни експерти за тероризам јавно реагираа на неговата содржина, велејќи дека во него не биле наведени некои големи терористички инциденти во светот минатата година.

Кога на 29-ти април Стејт департментот го објави извештајот во јавноста, владини претставници го окаркатеризираа наводното намалување на терористичките напади како „добра вест“ и јасен доказ дека САД се на добар пат да ја добијат војната против тероризмот.

Откако во јавноста беа изнесени неколку критики за извештајот на американската влада, Хенри Ваксман, влијателен Демократ во Претставничкиот дом, му се обрати на државниот секретар Колин Пауел велејќи дека за осуда што во извештајот се тврди дека бројот на терористичките напади се намалил, кога всушност терористичките активности минатата година беа најизразени во последните 20 години.

За време на вчерашната прес-конференција, г-динот Пауел грешките во извештајот ги нарече, цитираме, „мошне вознемирувачки“. Тој тврдеше дека тие се резултат на слабата координација меѓу Стејт департментот и останатите агенции кои го следат терористичките инциденти. Г-динот Пауел истакна дека воопшто не станува збор за обид да се манипулира со бројките.

Портпаролот на Стејт департментот, Ричард Баучер изјави дека ЦИА, Еф-Би-Ај и останатите агенции кои доставуваат информации за терористичките напади, имаат различни дефиниции за терористичките чинови и временскиот период што го опфаќа извештајот.

„Кога ги добивме податоците, морам да кажам дека очигледно не ги проверивме доволно внимателно или не го верифукувавме донесениот заклучок во врска со наводната промена во бројот на напади. Тоа значи дека сме добиле погрешни податоци што не сме ги провериле доволно. Сметам дека тоа е наједноставното објаснување за она што се случи“,рече тој .

Г-динот Баучер истакна и дека во моментов не може да ги прецизира бројките што ќе се појават во коригираната верзија на извештајот, што се очекува да биде објавена за неколку недели. Тој сепак кажа дека бројките ќе бидат значително повисоки во споредба со вкупно 190-те терористички напади и 307-те загинати во нив, споменати во оригиналниот документ.

Критичарите го напаѓаат извештајот и поради тоа што, како што тврдат, во него, од непознати причини, не се наведени некои поголеми терористички напади, вклучувајќи неколку во Русија минатата година, како на пример оние на чеченските екстремисти. Не се споменати ниту самоубиствениоте напади во Истамбул од минатиот ноември во кои загина 61 лице.

XS
SM
MD
LG