Линкови за пристапност

САД денес се простуваат од Роналд Реган - 2004-06-11


Илјадници Американци минатата ноќ и утрово во долги редици чекаа пред зградата на Конгресниот дом на Капитол Хил во срцето на Вашингтон за да му дадат последна почит на поранешниот претседател Роналд Реган.

Почит на господинот Реган вчера со минута молчење му оддаде и претседателот Џорџ Буш, кој заедно со сопругата Лора пристигна на Капитол Хил директно од самитот на 8-те најразвиени индустриски земји, што се оддржа во американската федерална држава Џорција.

Од средата – наваму, десетици илјади луѓе минаа покрај ковчегот на поранешниот американски претседател, откако тој од Калифорнија беше пренесен во американскиот главен град. Меѓу гостите од странство кои вчера присуствуваа на церемониите беа поранешниот советски лидер Михаил Горбачев, поранешната британска премиерка Маргарет Тачер и добитникот на Нобеловата награда Лех Валенса.

Централна церемонија од простувањето со Роналд Реган ќе биде мисата што денес ќе се одржи во Националната катедрала во Вашингтон, на која ќе бидат многу поранешни и сегашни државници, а од Македонија ќе присуствува потпретседателката на Собранието Лилјана Поповска. Попладнево по американско време, Роналд Реган, некогашниот радио најавувач, актер, политичар и на крајот претседател на САД, ќе биде погребан за време на приватна церемонија во неговата претседателска библиотека во Калифорнија.

XS
SM
MD
LG