Линкови за пристапност

Роналд Реган во Капитол - 2004-06-10


Маринскиот оркестар го свиреше воениот марш "Hail to the Chief," додека маринците вчера напладне го изнесуваа ковчегот со телото на поранешниот претседател од Претседателската библиотека и музеј Роналд Реган во возилото кое го пренесе до морнаричката воздухопловна станица во близина.

Авионот Боинг 747 со посмртните останки на г-динот Реган вчера попладне пристигна во Воздухопловната база Ендрјус во околината на Вашингтон. Погребната поворка тргна од Белата куќа и заврши на Капитол Хил, каде ковчегот со телото на поранешниот претседател Реган завиткан во американското знаме беше положен во ротондата на Капитол, каде ќе остане до утре наутро.

На погребната служба што ќе се одржи утре во Националната катедрала, и на која ќе говори претседателот Буш, се очекува присуство на повеќе светски лидери. Посмртните останки потоа ќе бидат вратени во Калифорнија, каде утревечер г-динот Реган ќе биде погребан во претседателската библиотека.

Ковчегот со телото на починатиот претседател од воздухопловната база во Калифорнија беше испратено со испалување на 21 почесен плотун, додека воениот оркестар ја свиреше омилената песна на г-динот Реган "Amazing Grace".

На ист начин, со 21 плотун посмртните останки беа пречекани во Вашингтон, на Капитол Хил. Утре точно напладне, сите воени бази во САД ќе му салутираат на починатиот врховен командант.

Најмалку 100.000 лица од почетокот на неделава му оддале почит на поранешниот претседател само во Калифорнија. Портпаролот на семејството Реган изјави дека г-ѓа Реган, смета оти ова е израз на љубов кон поранешниот претседател што таа го нарече „неверојатен“.

XS
SM
MD
LG