Линкови за пристапност

Капитол Хил се подготвува за пристигнувањето на посмртните останки на претседателот Реган  - 2004-06-08


Ова е првата од неколку мерки што Конгресот ќе ги усвои заради смртта на господинот Реган. Се очекува со други резолуции да му се оддаде почит на животот и службата на поранешниот претседател, како и да биде изразено сочувство во име на конгресмените.

Телото на господинот Реган со авион утре ќе биде пренесено од Калифорнија во Воздухоловната база Ендрјус крај Вашингтон. Оттаму, ковчегот со неговите останки ќе бидат пренесен во Вашингтон, каде со лафет влечен од коњи ќе биде донесен до конгресниот дом на Капитол Хил. Таму неговото тело ќе биде изложено се́ до петок наутро.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Бил Фрист најавува дека тоа ќе изгледа вака: „Знамиња ќе се веат на половина копје, топовите ќе пукаат салви, а лафетот влечен од коњи достоинствено ќе го носи ковчегот обвиткан во знаме со Роналд Вилсон Реган до Капитол Хил“.

Се очекува на Капитол хил да се соберат десетици илјади луѓе кои ќе му оддадат почит на поранешниот претседател. Обезбедувањето ќе биде особено засилено.

Во меѓувреме, пратениците во конгресот поголем дел од своето време неделава ќе го посветат на комеморации за животот и делото на господинот Реган.

Сенаторот Фрист го започна своето оддавање почест со говор во Сенатот, сеќавајќи се на улогата на поранешниот претседател за завршување на Студената војна.

„Роналд Реган веруваше во она што го зборуваше и тоа уверување се оствари. Тој веруваше дека има добро и зло на светот и дека Америка се залага за доброто. Тој веруваше дека мораме да ја заштитиме нашата слобода секаде каде што е во опасност и да посадиме семе секаде каде што слободата може да фати корен. Тој веруваше дека демократијата не е привилегија само на неколкумина, туку праведна и одредена судбина за целото човештво“, додава тој.

Сенаторката Елизабет Дол, републиканка од Северна Каролина, која работела во Белата куќа за време на двата мандата на претседателот Роналд Реган, прво како помошник на претседателот за односи со јавноста, а потоа како секретар за транспорт вели дека претседателот Реган –

„Буквално го промени светот. Тој беше определен дека комунизмот мора да биуде поразен, а не да се толерира. Тој ја отфрли железната завеса, тој го отфрли статус кво-то и неговото наследство за светот е денешната слобода“, вели таа.

Сенаторот Кери, кој се очекува да биде претседателски кандидат на Демократската партија, реши да ја запре предизборната кампања во знак на почит за починатиот претседател. Тој даде вако сеќавање на господинот Реган:

„Вербата на претседателот Реган во Америка беше заразна. Заради начинот на кој владееше, не́ научи дека има разлика меѓу големата верба и строгата партиска определба“, рече г-динот Кери.

Господинот Кери планира в петок да присуствува на погребната церемонија за господинот Реган во националната катедрала во Вашингтон. Се очекува на церемонијата да присуствуваат многу домашни и странски лидери. Ова е прв погреб на американски претседател во последниве 30 години, по оној на Линдон Џонсон во 1973 година.

Останките на господинот Реган ќе бидат вратени во Калифорнија во петок вечер каде што ќе бидат погребани во неговата претседателска библиотека во Сими Вали.

XS
SM
MD
LG