Самитот на лидерите на најголемите економски сили во светот и Русија денеска започнува на Си Ајленд, во федералната држава Џорџија, што е луксузно одмаралиште на Атлантскиот океан.
Тоа е средба што ќе биде фокусирана на Ирак, Блискиот исток и тероризмот, како и на неколку економски прашања. Шест од осумтемина лидери на самитот беа заедно во Нормандија во неделата на церемониите со кои се одбележа 60-годишнината од Денот Д и многумина, како претседателот Буш, дојдоа директно од Франција во оваа јужна американска федерална држава.
Групата осум е составена од САД, Јапонија, Канада, Русија, Британија, Германија, Франција и Италија.
Советникот за национална безбедност на претседателот Кондолиза Рајс вели дека учесниците имаат полн дневен ред за тридневните средби, кои започнуваат вечерва со неформална вечера.
"Може да очекувате лидерите на Г-8 неделава да се договорат за преземање на нови акции за промовирање на слободата, демократијата и просперитетот во поширокиот регион на Блискиот Исток, за спротивставување на ширењето на оружје за масовно уништување, за зајакнување на меѓународната соработка во војната против теророт, за проширување на глобалните мировнички напори, за промовирање на глобалниот економски растеж и за проширување на трговијата“, вели таа.
Самитот ќе се одржи во услови на зајакнато обезбедување, при што дури и новинарите се држат подалеку од одморалиштето на островот Си Ајленд.
Претседателот Буш се надева дека на оваа средба ќе биде прифатена американската иницијатива за промовирање на демократски реформи во блискоисточниот и исламскиот свет. Тој покани и лидери од неколку арапски држави, плус Турција и Авганистан, да се сретнат со лидерите на Г-8 во среда. Во четврток, неколку лидери од африканските земји ќе се приклучат на самитот во дискусиите за долговите и трговијата.
Овогодишниот самит дава можност да се поправат трансатлантските односи што минатата година се затегнаа во врска со ирачката војна. Членовите на Г-8 - Германија, Франција и Русија, се одвоија од САД и Британија и се спротивставија на војната. Последните месеци односите се поправија, но францускиот претседател Жак Ширак вели дека би било грешка да се претпостави дека разликите се надминати.