Линкови за пристапност

vesti-7 - 2004-06-07


Роналд Реган

Неделата на сеќавање на поранешниот американски претседател Роналд Реган започнува денеска, кога останките ќе бидат пренесени во неговата претседателска библиотека во Сими, Калифорнија.

Во библиптеката телото ќе биде изложено два дена, додека ужалените ќе му оддадат последна почит на 40-от американски претседател, кој почина во саботата. Државниот закоп за господинот Реган ќе се одржи во петок, во Вашингтон, ден што претседателот Буш го прогласи за национален ден на жалост. Претседателот Буш кажа дека господинот Реган го напреднал ширењето на мирот, слободата и демократијата за милиони луѓе кои живееле во потчинетост. Светските лидери објавија слични соопштенија со многу пофалби за улогата на господинот Реган за падот на комунизмот.

Ирак

Ирачкиот привремен премиер Ијад Алави вели дека девет групи на паравојници се согласиле да бидат распуштени.

Во денешно соопштение на господинот Алави во Багдад се вели дека членови на паравојниците од главните групи ќе им се придружат на ирачките безбедносни сили, или повторно ќе се вклучат во цивилниот живот. Сепак, договорот не ја вклучува паравојската на армијата на Мехди на радикалниот шиитски свештеник Моктада ал-Садр. Во шиитскиот град Куфа во експлозија во близина на џамијата на овој град денеска се повредени најмалку девет лица.

Ирак-Курди

Главните курдски политички партии се закануваат дека ќе се повлечат од ирачката преодна влада доколку со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за Ирак, не се обезбеди поддршка за курдска автономија во северен Ирак.

Масуд Барзани од Демократската партија на Курдистан и Џалал Талабани од Патриотското единство на Курдистан ова го истакнаа во јавно објавеното писмо до претседателот Буш. Двајцата курдски лидери ја изразуваат и нивната, како што велат, огорченост поради тоа што ниту еден Курд не е избран ниту за привремен премиер, ниту за претседателската функција во Ирак.

Буш-Г-8

Претседателот Буш ќе се обиде да добие поддршка за својата политика во врска со Ирак и другите прашања за Блискиот Исток на овогодишниот самит на водечките индустријализирани нации во светот.

На тридневниот самит на Групата 8, што започнува утре во југоисточната федерална држава Џорџија, господинот Буш ќе се сретне со лидерите на Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Русија. Средбата се случува во време кога државниците ја разгледуваат новата резолуција на ОН за преминот на власта во рацете на ирачката привремена влада на крајот на месецот. Господинот Буш се очекува да се соочи со скептицизам по иницијативата за промовирање демократија на Блискиот Исток. Претседателот исто така покани неколку лидери од Блискиот Исток и Африка на разговари за регионални прашања.

Јужна Кореја-Американски трупи

САД планираат до крајот на следната година да повлечат една третина од своите трупи од Јужна Кореја.

Пентагон денеска ја потврди оваа информација, подвлекувајќи дека се уште се водат дискусии околу ова прашање. Ова ќе претставува прво намалување на бројот на американските трупи на Корејскиот Полуостров во изминативе 10-тина години. Високиот претставник на американскиот Оддел за одбарана Ричард Лолес изјави дека планот предвидува повлекување на 12.500 трупи оваа и наредната година. Овде се вклучени 3.600-те војници за кои веќе се знае дека од Јужна Кореја ќе бидат прераспоредени во Ирак. Јужнокорејските претставници изјавија дека нивната страна ќе го разгледа планот пред да испрати официјално соопштение во јавноста. Вашингтон вели дека намалувањето на бројот на војниците нема да влијае на американската способност да ја брани Јужна Кореја.

Авганистан-Хуманитарни организации

Пет странски хуманитарни организации ги прекинаа операциите во североисточната провинција во Авганистан, Бадгис, по нападот со граната врз една италијанска агенција.

Во овој напад нема жртви, за разлика од оној минатата недела кога загинаа пет хуманитарни работници. Според официјални претставници, по вчерашниот инцидент, италијанската агенција и уште четири други странски невладини организации ги прекинале своите активности во Бадгис. Засега никој не ја презел одговрноста за најновиот напад. Талебан соопшти дека стои зад нападот што се случи минатата среда, обвинувајќи ги странските организации за поддршка на војната во Авганистан под американско раководство. Во меѓувреме, соседен Пакистан ги премести сите странски хуманитарни работници во провинцијата Балучистан, поради слични закани. Во тој регион има голем број поддржувачи на Талебан.

Израел-Палестинци

Израелскиот премиер Ариел Шарон има потешкотии да ја одржи владеачката коалиција, откако неговиот кабинет вчера го одобри неговиот ревидиран план за повлекување на израелските доселеници од Појасот Газа.

Националната верска партија која има шест членови во парламентот дискутира дали да се повлече од коалицијата. Коалицијата на г-динот Шарон во моментов има мнозинство од само едно место во израелското собрание. Со 14 гласови за, а 7 против, кабинетот го поддржа ревидираниот план на г-динот Шарон со кој се предвидува етапно повлекување на 21-та еврејска населба од Појасот Газа и четирите населби на Западниот Брег. За реализирање на секоја следна фаза исто така ќе биде потребно одобрение од израелскиот кабинет. Првичната верзија на планот на премиерот Шарон на почетокот на овој месец беше одбиена од неговата партија Ликуд.

XS
SM
MD
LG