Линкови за пристапност

Советот за безбедност на ОН се подготвува утре да гласа за резолуцијата со која се определува иднината на Ирак - 2004-06-07


Советот за безбедност е чекор поблиску кон усвојување на резолуцијата со која се поддржува ирачка привремена влада што ќе ја преземе власта на крајот на овој месец.

Американските и британските предлагачи на овие мерки денеска ќе го презентираат својот четврти по ред нацрт на резолуцијата во последните две недели. Најновиот предлог ги одразува промените за кои се преговараше во текот на викендот, при што Советот го брифирал специјалниот пратеник на ОН во Ирак, Лакдар Брахими.

Американскиот амбасадор Џон Негропонте вели дека во новата нацрт-резолуција додадени се серија на членови за односите меѓу владата во Багдад и мултинационалните безбедносни сили предводени од САД, кои ќе останат во земјата.

„Со овие членови се разјаснува дека ирачките безбедносни сили, што значи и нивните полициски и вооружени сили, ќе бидат под суверена власт на владата на Ирак и второ дека механизам, всушност неколку механизми ќе бидат воведени за да се обезбеди најцелосна можна соработка меѓу ирачката влада од една страна и мултинационалните сили од друга“, истакна господинот Негропонте.

Уште неколку амбасадори изразија уверување дека ќе биде постигнат консензус, со што ќе бида возможно Советот да гласа уште утре. Но францускиот амбасадор Жан-Марк де Ла Саблие вели дека Франција и натаму инсистира гаранциите за ирачкиот суверенитет да се содржат во текстот на резолуцијата, а не во дополнителните членови.

„Разбираме, а тоа сакаме да го има во резолуцијата, дека се бара согласност од ирачката влада за чувствителни операции и сметаме дека тоа јасно треба да биде содржано во резолуцијата“, вели Де Ла Саблие.

Советот денеска повторно се состанува за преговори во последен момент пред да биде ставен на маса конечниот предлог на резолуцијата.

Ова брзање да се усвои уследи откако лидерите на Франција и Германија изразија надеж дека проблемот со резолуцијата ќе биде решен пред почетокот на самитот на Г-8 што утре ќе започне во САД. Германскиот канцелар Герхард Шредер изјавил дека очекува резолуцијата да се усвои пред да започне состанокот на Г-8.

XS
SM
MD
LG