Линкови за пристапност

Сеќавање на жртвите од Тјенанмен - 2004-06-04


Пеејќи песни и со подигање на бели свеќи, илјадници луѓе се собраа во паркот Викторија во Хонконг. Тие се собраа да им оддадат почит на стотиците, веројатно илјадници про-демократски студенти и обични граѓани кои беа убиени од кинеските трупи во Пекинг пред 15 години.

“Треба да ја паметиме историјата. Треба да се бориме се додека Кина не стане демократска земја“, вели една од учесничките на протестот.

“Нема да се откажеме. Да живее демократијата“, извикуваа демонстрантите.

Учесниците на годишното бдеење годинава му дадоа ново значење. Про-демократските групи во Хонконг се лути заради неодамнешната одлука на Кина да го ограничи гласањето на територијата, каде што се гарантирани граѓанските права кои не се дозволени во татковината под кинеска власт. Кина презема се поостри мерки кон барањата за отворени избори во поранешната британска колонија, по масовните протести минатото лето што придонеса планираниот закон за национална бебзбедност да биде одложен.

Многу жители стравуваат дека доколку народот на Хонконг упорно врши притисок за реформи, Кина може да употреби репресивни тактики како оние на плоштадот Тјенанмен пред 15 години.

Организаторите на денешното бдеење проценуваат дека учествувале околу 60 илјади луѓе. Полицијата кажа дека не може да соопшти колкава била толпата се до утре.

Николас Бекелин е директор на независната група, Човекови права во Кина. Тој вели дека годинешното бдеење е потсетување за жителите на Хонконг дека комунистичката влада во Пекинг на крајот ќе одлучи за нивната иднина.

“Пред 15 години и сега ситуацијата во основа е иста. На некој начин, кругот е затворен. Денеска , има чувство дека слободите се под закана во Хонконг и дека причина за тоа е режимот во Кина, а тоа е истиот режим што пред 15 години го изврши масакрот“, смета господинот Бекелин.

Бдеењето во Хонконг е единственото сеќавање на убиствата на демонстрантите на кинеска територија во 1989 година. Денеска плоштадот Тјенанмен беше полн со полиција за да не се обиде некој да протестира.

На први јули годинава, продемократските групи ќе одржат марш во Хонконг за да ја одбележат 17-та годишнина од враќањето на територијата под кинеска власт. На сличен протест минатата година учествуваа околу половина милион луѓе и тоа беа најголеми политички демонстрации во Кина по настаните на плоштадот Тјенанмен во 1989 година.

XS
SM
MD
LG