Линкови за пристапност

Грците и Олимпијадата - 2004-06-04


Тоа беше емотивна вечер за многумина ангажирани околу организацијата на Олимпијадата во Атина. Танчери и дипломати од 27 земји во средата се собраа на новиот градски аеродром, испраќајќи го олимпискиот оган на 38 дневна турнеја, која го означува почетокот на кампањата за промоција на овие веќе проблематични Игри.

И претседателот на Олимпијадата во Атина Јана Ангелопулос Даскалаки и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог изјавија дека пренесувањето на факелот треба да го означи крајот на поделбите и враќањето кон основните вредности на олимпиското движење.

Но факелот ќе треба да стори чудо за да го потисне големиот негативен притисок на кој Игрите досега беа изложени и во Грција и во странство.

Проектите за иградба беа бесконечно развлекувани а буџетите ги надминаа проценките. Заканата од меѓународниот тероризам стана дополнителна грижа за грчката влада, за спортистите и за гледачите од целиот свет.

Како резултат на тоа, многумина спортисти најавија можно неучество на Олимпијадата. И далеку од напливот на туристи на кој се надеваа, бројот на посетитетлите во Грција всушност е под просекот.

Според Тед Кулумбис од Организацијата за надворешно политички студии Елиамеп, олимпискиот сон на Грците за добивање на правото да бидат домаќини на олимписките игри што се случи во 1997 година, не прерасна во ништо друго, туку во промотивен кошмар.

“Во оној момент кога ги добивме, требаше да работиме со минимална контрола на штетата. Штетата ќе биде економска, особено доколку, поради негативниот притисок со кој се соочува Олимпијадата, не дојдат сите на кои се сметаше дека ќе бидат тука. Тоа ќе има финансиски последици“, изјави Колумбис.

Сега, дури и позначајните министри во грчката влада започнуваат да се прашуваат дали Игрите вредат толку многу.

Министерот за јавни работи Јоргос Суфлиас, кој е одговорен за изградбата на неколку олимписки локации, неодамна предизвика вчудоневиденост кај неговиот колеги во Грчкиот парламент кога изрази како што рече „сомневање, дали сме подготвени да ги организираме Олимписките игри“.

Оваа недела, министерот за финансии на Грција Јоргос Алогоскуфис објави дека буџетот за Грчката олимпијада е во црвено салдо и оти земјата „не би покажала толку голем ентузијазам“ за организирање на Игрите, доколку знаела што ја чека кога се кандидирала за тоа.

Г-динот Алогоскуфис е член на новата грчка конзервативна Влада, која сака вината за некои неуспеси на Олимпијадата да им ги припише на нејзините претходници Социјалистите, кои ја загубија власта на изборите во март.

Но според г-динот Кулумбис, посочувањето на виновникот само ја прикрива длабоката загриженост во грчкиот кабинет.

“Има посочување на виновникот и во претходната влада. Мислам дека во случајот на г-динот Суфлиас, министерот за јавни работи, тоа е искрено убедување, зашто тој отсекогаш беше скептичен во однос на влијанието на Олимпијадата“, вели господинот Колумбис.

Ставовите на двајцата министри дека имиџот на Грција во странство е нарушен беа шокантна вест за Атина. Потоа следуваше извештајот од сметководствената компанија Прајсвотерхаус Куперс дека стапката на раст на грчката економија би можела да се намали за еден и пол процент, по завршувањето на Олимпијадата.

И додека олимпискиот оган ќе ги грее срцата од ледените делови на Арктикот до самба плажите во Рио, тој се уште ќе треба да го растопи студеното однесување на некои грчки политичари, кои започнаа да се прашуваат дали организацијата на некогаш многу посакуваните Грчки игри воопшто било добра идеја.

XS
SM
MD
LG