Линкови за пристапност

На самитот на Г-8 план за реформи на Блискиот Исток - 2004-06-04


Наречена е Широка Блискоисточна иницијатива и нејзината намера е да ги поодржи политичките, економските и социјалните реформи во регионот. За овој контроверзен план се дискутира уште од февруари и најверојатно на самитот на Г-8 ќе биде модифициран.

За подобро да го претстави планот, претседателот Буш покани неколку лидери од арапските и исламските земји на состанокот на Групата 8. Поканети се лидерите на Алжир, Бахраин, Јордан, Јемен, Турција и Авганистан. На 9-ти јуни оваа група ќе се состане со лидерите на Г-8. Неа ја сочинуваат четирите главни европски држави, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, потоа Јапонија, САД и Канада.

Стивен Кук е експерт за Блискиот Исток во Советот за надворешни работи во Њујорк. Тој вели дека е значајно што блискоисточките лидери ќе дојдат на овој самит.

“Од арапска страна, учеството е порака до арапските земји дека нема да им диктираат надворешни сили и дека имаат сопствен удел во оваа иницијатива. Како што беше индицирано во декларацијата од Тунис минатиот викенд, тие се заинтересирани за реформи. Но исто така е важно да се внесе реалност по прашањето на учество. Државите кои доаѓаат или се подготвени да дојдат или очајнички бараат нешто од САД“, вели господинот Кук.

Тој вели дека Алжир, на пример, сака поголема безбедносна соработка со САД. Другите земји на Блискиот Исток, како Египет, Кувајт, Мароко и Саудиска Арабија, не се заинтересирани да учествуваат.

Чарлс Капчан, професор по меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун, вели дека нема да биде лесно за Г-8 да постигне консензус во врска со проблемите на Блискиот Исток, особено за војната во Ирак и за израелско-палестинскиот конфликт. Тој вели дека Германците и Французите, кои минатата година беа против војната во Ирак предводена од САД и натаму длабоко се сомневаат во американската политика во тој регион. Меѓутоа, вели господинот Купчан, тие веројатно ќе ја поддржат општата иницијатива за Блискиот Исток.

“Мислам дека тие ќе се држат на страна од сегашната криза во Ирак и мировниот процес на Блискиот Исток и ќе се фокусираат на оние области каде што постои согласност, а тоа е пошироката иницијатива за Блискиот Исток“, смета господинот Капчан.

Стивен Кук од Советот за надворешни работи вели дека разликите на самитот на Г-8 се надминати и дека ќе биде претставен планот за Блискиот Исток.

“Нема да има дополнителен секретаријат или персонал. На првите состаноци ќе учествуваат министрите за финансии, трговија и надворешни работи, но нема да има министри за социјала, развој или за внатрешен политички развој. И државите ќе можат директно да одлучуваат“, изјави господинот Кук.

Намерата на оваа иницијатива е да ги зајакне човековите права на Блискиот Исток преку брз економски развој и интегрирање на регионот во глобалната економија.

XS
SM
MD
LG