Оваа законска мерка за формирање на фондот е содржана во амандман на пообемниот предлог-закон за трошоци во одбраната за наредната буџетска година, што започнува на 1-ви октомври.
Во предлогот за овој резревен фонд, што претседателот Буш го изнесе минатиот месец, се бара максимална флексибилност за трошење на парите.
Актуелниот финансиски контролор во Одделот за одбрана, Лоренс Ланзилота вчера пред сенатската Поткомисија за апропирации кажа дека ваквата флексибилност е од суштинско значење за да се овозможи армијата да реагира на неочекувани промени на теренот.
„Би сакале да имаме овластување за општ трансфер доколку е потребно ако се промени ситуацијата на теренот, со што би имале доволно флексибилност да се извршат измени и да се извести Конгресот“, истакна господинот Ланзилота.
Но законодавците инсистираа на построга контрола од Конгресот за трошењето на парите во Ирак по извештаите од почетокот на годинава дека американски владини претставници користеле средства што биле одобрени за војната против тероризамот за да се подготват за започнување на војната во Ирак, без да го информираат Конгресот.
Затоа Сенатот гласаше да се ограничи овластувањето на претседателот за начинот на кој ќе се користат 25-те милијарди долари на 10 проценти од вкупната сума, или на 2,5 милијарди долари.
Сенаторот Карл Левин од Мичиген е главниот претставник на Демократската партија во сенатската Комисија за вооружени служби.
„Текстот што ни беше изложен, а што сега го бришеме, за администрацијата ќе значеше дека на Одделот за одбрана би му дале бланко чек“, рече Левин.
Претставничкиот дом го одобри формирањето на резервниот фонд минатиот месец, но не определи начин за контрола, како што тоа го стори Сенатот.
Оваа разлика во законот ќе мора да се разреши пред да му биде поднесен на претседателот Буш да го потпише.
Во меѓувреме, парите за овој фонд допрва треба да се соберат. Тоа ќе биде извршено преку одделни сметки за трошоци, што сега се подготвуваат во комисиите на Претставничкиот дом и Сенатот.