Линкови за пристапност

Џејмс Рубин:  Сенаторот Кери ќе ја обнови американската улога на Балканот - 2004-06-02


Џејмс Рубин, советникот за надворешна политика на најверојатниот демократски кандидат за претседател, Џон Кери, вели дека се́ уште не разговарал со сенаторот Кери за тоа дали, доколку биде избран за претседател, би го поддржал признавањето на Македонија под уставното име. Toj oва го кажа за време на телефонска прес-конференција на која одговараше на прашања за надворешно-политичката агенда на претседателскиот кандидат Кери.

Вашингтон, 2 јуни 2004. Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Џон Кери лансираше 11-дневна кампања насочена на националната безбедност. Во рамки на кампањата, поранешниот помошник-државен секретар и портпарол на Стејт Департментот од времето кога претседател беше Бил Клинтон, а сегашен советник во изборниот штаб на господинот Кери, Џејмс Рубин, синоќа одржа телефонска прес-конференција за тоа како ќе изгледа американската надворешна политика доколку демократскиот сенатор од Масачусетс овој ноември биде избран за претседател.

Надворешно-политичката платформа на сенаторот Кери почива на премисата за блиска соработка со клучните сојузници во светот, особено со Европа, со цел да се добие војната против тероризмот и САД да излезат зајакнати од војната.

„Да се користи моќта на нашите сојузи отколку да дејствуваме насамо, да се разбере дека не е само армијата основа на нашата моќ, туку и нашата дипломатија, идеите, економската сила. Потоа, да се осигура дека американската војска се трансформира за да одговори на новите закани – војната против тероризмот и оружјето за масовно уништување, и пропаднатите држави, и на крај, да се ослободи надворешната политика од ефектот на зависност од нафта од земјите од заливот на Блискиот Исток“, вели Џејмс Рубин, образложувајќи ги раководните принципи на политиката на Џон Кери.

На нашето прашање дали и како САД би го вратиле своето внимание и заложби на земјите од Југоситочна Европа доколку сенаторот Кери стане претседател, Џејмс Рубин кажа дека е сигурен оти тој ќе ја обвнови американската улога на Балканот и во Централна и Источна Европа.

„Попрво да се биде лидер отколку да се дозволи Европјаните да го вршат поголемиот дел од работата и да се сугерира, како што тоа го направи Доналд Рамсфелд, дека треба да ги повлечеме нашите трупи од Балканот. Ние треба да ја сочуваме стабилноста што таму ја создаде администрацијата на Клинтон и да обезбедиме да не дојде до враќање на конфликти и цивилни војни какви што се случија“, рече Џејмс Рубин.

Тој не сакаше директно да одговори на прашањето дали сенаторот Кери би го поддржал признавањето на Македонија под уставното име, со образложение: “Признавам дека не сум говорел со него за тоа и не би сакал да ви дадам одговор за кој не е доволно размислено“.

Во однос на Косово, Џејмс Рубин кажа дека сенаторот Кери во целост го уважува успехот што САД го постигнале работејќи заедно со ОН и особено со НАТО, како и дека тој би сакал таков модел да биде применет и во Ирак, каде НАТО би бил задолжен за безбедноста, а меѓународната зедница би работела на обезбедување економска, политичка и развојна помош за Ирачаните. Сенаторот Кери би сакал да ги задржи американските трупи на Косово се́ додека е тоа потребно, со оглед на последните насилства. Проблемот, вели Џејмс Рубин, е во тоа што САД не го преводеа светот во процесот на решавање на статусот на Косово. Тој верува дека луѓето на Косово треба да имаат право на самоопределување, но дека е важно тоа право натамошно да се остварува во тесна соработка со владите во регионот, и дека тој ќе се обиде да го покрене ова прашање во првиот период по стапување на функцијата.

За евентуалното отворање на американски воени бази во Југоисточна Европа, Џејмс Рубин потенцираше дека од администрацијата на Кери би очекувал мошне внимателно да го разгледа распоредувањето на американските војници во бази врз основа на препораките на главниот армиски командант за Европа кој, како што кажа, почнал да размислува за начини за префрлање на акцентот од базите во Германија на едно посеопфатно базно распоредување ширум Европа, како и врз основа на советите од државниот секретар. Најважно од се́, подвлече господинот Рубин, „е дека САД не сакаат да постават трупи и бази освен доколку тоа не е поддржано и побарано од владите каде тие се поставуваат“.

XS
SM
MD
LG