Најверојатниот претседателски кандидат од редовите на Демократската партија, сенаторот Џон Кери на вчерашните обраќањата во Флорида акцентот го стави на безбедносните прашања.
Тој наведе серија предлози за спречување оружјето за масовно уништување да падне во рацете на терористите. Г-динот Кери рече дека доколку биде избран за претседател на САД, за него ќе биде приоритет оружјето за масовно уништување и нуклеарниот материјал во поранешниот Советски Сојуз, да биде на безбедно, а ќе работи и на прекин на нуклеарните програми на Иран и Северна Кореја.
“Како претседател, мојата безбедносна цел број еден ќе биде да ги заштитам Соединетите Американски Држави и да ја добијам војната против тероризмот на најефикасен можен начин, преку спречување на терористите да дојдат до оружјето за масовно уништување и да се обезбеди разоружување на непријателски држави. Тое е нашиот приоритет“, изјави господинот Кери.
Надворешната политика беше главното прашање и во обраќањето на претседателот Буш во Белата Куќа. Тој го поздрави формирањето на новата ирачка преодна влада и вети дека коалицијата под американско водство во Ирак ќе го исполни ветувањето - 30-ти јуни да биде денот кога власта ќе биде предадена во рацете на ирачкиот народ.
“Волјата на Ирачаните и волјата на нашата коалиција е силна. Нема да не поколеба насилството и теророт. Ќе останеме обединети и ќе гарантираме дека иднинатаа на Ирак е иднината на слободата“, изјави господинот Буш.
Во меѓувреме, кампањата на сенаторот Кери во медимите објави нова рекламна порака која во наредните неколку недели ќе се емитува во 19 држави во САД, а во која се истакнува неговото искуство во областа на домашната и надворешната политика. Тој во пораката зборува за САД како земја на оптимисти.
“Силна армија и силна алијанса за победа врз теророт. Америка. Посилна на домашен терен. Почитувана во светот. Џон Кери за претседател“.
Од друга страна, кампањата на претседателот Буш продолжува да емитува рекламни пораки во кој се поставуваат прашања за ефикасноста на сенаторот Кери по прашањата пд тероризмот, одбраната и надворешната политика.
Според резултатие од најновите испитувања на јавното мислење, а кои веќе неколку недели се непроменети, во ноември САД ќе имаат многу тесни избори.