Линкови за пристапност

вести за 1-6-2004 - 2004-06-01


Буш - Ирак

Претседателот Буш ја пофали новоименувата преодна влада во Ирак, но кажа дека престојат предизвици, вклучувајќи ја и обновата на насилството.

Денеска во Белата куќа, г-динот Буш кажа дека со назначувањето на новата Влада, милиони Ирачани се чекор понапред кон реализирање на нивниот сон за целосно суверена нација со влада која ќе ги застапува интересите на народот. Г-динот Буш истакна дека целосната сувереност ќе и биде предадена на новата влада на 30-ти јуни. Тој сепак предупреди дека и натаму ќе има потреба од присуство на коалиционите трупи во Ирак поради продолжителното насилство, а и заради одржување на безбедноста пред одржувањето на изборите планирани за не подоцна од јануари.

Ирак - политика

Ирачкиот новоименуван транзиционен претседател вели дека сака „полниот суверенитет“ во Ирак да биде повторно воспоставен преку резолуцијата на ОН за која во моментов се расправа во Советот на безбедност.

Гази ал-Јавар ова го кажа кусо време пред новата привремена влада денеска да даде заклетва на церемонијата во Багдад. Привремениот премиер Ијад Алави, кој практично ќе има најголема моќ во новата влада, исто така се заложи за полн суверенитет на Ирак. Одново именуваниот ирачки министер за надворешни работи Хошијар Зебари, ќе замине за Њујорк да учествува во дискусиите во врска со резолуцијата. Господинот ал-Јавар, племенски поглавар и граѓански инженер со врски со Саудиска Арабија, беше именуван за оваа воглавно церемонијална функција на претседател, откако истакнатиот државник Аднан Пачачи го одби назначувањето.

Австралија

На првиот човек осуден по новите анти-терористички закони на Австралија, денеска му е изречена казна од девет години затвор за неговата улога во заговорот да се изведе бомбашки напад врз израелската амбасада во Канбера.

Судијата во Перт ја изрече пресудата на Џек Роше. По три години тој ќе може да поднесе барање за помилување. Судењето на Роше се одвиваше десет дена кога во петокот ја смени изјавата тврдејќи дека е виновен. Тој призна дека извел надгледување а израелската амбасада и неуспешно се обидел да регрутира други да помогнат во изведување на заговорот. За време на судењето, тој го идентификувал индонезискиот свештеник Абу Бакар Башир, кој тој вели дека го откажал бомбашкиот напад, како раководител на терористичката група поврзана со ал-Каида Џема Исламија.

Саудиска Арабија - напад

Цената на суровата нафта на берзите во Њујорк се зголеми за повеќе од два долари и денеска барел нафта чинеше 42 долари, што најверојатно е реакција на трагичната заложничка криза во нафтениот град на Саудиска Арабија, Кобар.

Цената на нафтата скокна за повеќе од 4 проценти на првиот ден на тргување на берзите по терористичкиот напад на Кобар во саботата, за кој постои сомневање дека е дело на ал-Каида. Во овој напад загинаа 22 лица. Саудиската полиција продолжува да трага по тројца вооружени напаѓачи кои избегале по 25-часовната заложничка драма во станбениот комплекс во кој живееле главно странци кои работат во саудиската нафтена индустрија. Кризата заврши во саботата кога саудиските трупи упаднаа во зградата. Еден од четворицата напаѓачи бил уапсен.

Индија – Пакистан

Новиот индиски министер за надворешни работи, Натвар Синг, вели дека Индија и Пакистан подоцна месецов ќе одржат разговори за нуклеарните мерки за изградба на доверба и за начините за поттикнување на натамошниот тек на мировниот процес.

Тој вели дека претставници на двете страни ќе се сретнат во Њу Делхи на 19 и 20 јуни за разговори кои ќе се однесуваат на мериките за градење доверба, а на 27ми и 28ми јуни на ниво на секретари за надворешни работи да разговараат за мировниот процес. Мировниот процес беше започнат минатата година од поранешниот премиер Атал Бехари Ваџпај во напор да се запре децениското непријателство во врска со проблематичниот хималајски регион Кашмир.

Мандела се пензионира

Поранешниот јужноафрикански претседател Нелсон Мандела, еден од најпочитуваните државници во светот, вели дека се повлекува од јавниот живот.

ГосподинотМандела, кој следниот месец ќе наполни 86 години, денеска објави дека сака да има повеќе време со семејството, да пишува мемари за своите години на прв јужно-африкански црн претседател, да чита и да се посвети на „тивка рефлексија“. Тој го сумираше својот нов статус со реченицата „ Не барајте ме, јас ќе ве барам.“

Американска политика

Најверојатниот демократски претседателски кандидат, Џон Кери, денеска во Флорида ќе зборува за своите планови за борба против тероризмот.

Господинот Кери се очекува да ја критикува администрацијата на Буш што, според него, „прави многу малку, многу доцна“ за запирање на ширењето на нуклеарни материјали на светскиот „црн пазар“. Господинот Кери вели дека треба да се стори повеќе да се обезбеди материјалот кој може да послужи за изградба на нуклеарна бомба и да се осигура дека нема да се произведува нов таков материјал. Говорот е дел од 11-дневниот напор на сенаторот да ги објасни своите приоритети од областа на националната безбедност и надворешната политика. Претседателот Буш ќе се обрати на конференција во Вашингтон на организации базирани на религија кои обезбедуваат комунални услужни дејности, пред да замине за Колорадо на настан за собирање финансиски средства.

XS
SM
MD
LG