Линкови за пристапност

Денеска е „Ден без цигара“ - 2004-05-31


Светската здравствена организација вели дека цигарите се причина за смрт на речиси пет милиони луѓе годишно и очекува оваа бројка да се удвои во наредните 20 години. Одбележувајќи ја својата иницијатива против пушењето преку „Денот без цигара“, што паѓа денес, организацијата годинава се фокусира на поврзаноста меѓу тутунот и сиромаштијата.

Според Светската здравствена организација, на секои шестипол секунди во светот умира по едно лице од заболување поврзано со пушењето. СЗО вели и дека најголемиот дел од ваквите смртни случаи се во земјите во развој, каде живеат 84 проценти од пушачите.

Кетрин Ле Гал Ками раководи со Одделот за непреносливи болести и ментално здравје при СЗО. Таа вели дека регионалните студии покажуваат оти луѓето со ниски примања и ниско образование се повеќе склони кон пушењето.

„Тоа значи дека овие луѓе најверојатно ќе се соочат со најлошите последици, а тоа само дополнително им отежнува да ја подобрат својата економска ситуација“, вели таа.

Според очекувањата на СЗО, вкупниот број на пушачите до 2005-та година ќе порасне на еден запирка седум милијарди од сегашните еден запирка три.

Студиите уште покажуваат дека пушењето може да наштети на економската ситуација во одредени земји, поради зголемување на трошоците за здравствено осигурување.

На пример, СЗО наведува дека Египет троши преку половина милијарда долари годишно за справување со болестите поврзани со пушењето, а според организацијата, развиените земји одвојуваат до 15 проценти од нивниот буџет за здравство за истата намена.

Координаторот на инијативата во рамки на СЗО, наречена „Ослободени од тутунот“, Даглас Бетчер, вели дека податоците од повеќето земји покажуваат оти луѓето трошат поголем дел од своите примања на цигари, со што остануваат помалку средства за да можат да се задоволат останатите неопходни потреби, како храна, здравствено осигурување и образование. Д-р Бетчер додава дека еден од најефикасните начини за намалување на побарувачката на цигарите е покачување на цената и даноците како на цигарите, така и на останатите продукти на тутунската индустрија. Тој истакнува дека студиите покажуваат оти е забележано значително опаѓање на употребата на цигарите во случаи кога даноците се зголемени за најмалку 70 проценти по кутија цигари.

XS
SM
MD
LG