Линкови за пристапност

ОПЕК најавува можно зголемување на производството на нафта - 2004-05-31


Додека во Бејрут се подготвува редовниот тримесечен состанок на Организацијата на државите извознички на нафта - ОПЕК, што ќе се одржи во четврток, портпаролот на овој нафтен картел најави дека е можно зголемување на производството за три милиони барели, но дека тоа нема многу да влијае за стабилизирање на нафтените цени.

Портпаролот на ОПЕК, Омар Ибрахим најави дека за организацијата без тешкотии би можела да го зголеми производството на нафта до три милиони барели на ден.

Господинот Ибрахим вели дека Саудиска Арабија, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, може брзо да го зголемат производството на нафта и да достават три милиони барели дневно на светскиот пазар. Но, тој додаде дека тоа би влијаело врз цената на нафтата само за неколку дена.

Цената на нафтата изнесува речиси 40 долари за барел, што е за 25 проценти повеќе од почетокот на годинава.

Господинот Ибрахим наведува четири главни причини за толкав пораст на цените – политичката нестабилност, шпекулациите, зголемената побарувачка од Азија и несоодветниот рафинирачки капацитет во САД. Тој исто така ги спомена безбедносните закани во земјите-производители на нафта, меѓу кои и инцидентот овој викенд во Саудиска Арабија кога над 20 лица загинаа во терористички напад врз стабен комплекс каде живееле странски-државјани – вработени во меѓународни нафтени копании.

На пазарите веќе има знаци дека нападот во Саудисла Арабија, која е најголемиот светски производител на нафта, уште повеќе ќе ги зголеми цените на нафтата на кога денес повторно ќе отворат берзите по вчерашниот празник во поголем дел од светот, иако од овој инцидент немаше директни последици по производството на нафта во земјата.

Господинот Ибрахим вели дека производството на нафта може и натаму да се зголемува за да не расте цената, но дека за тоа ќе бидат потребни инвестиции.

Портпаролот на ОПЕК исто така кажа дека оваа група прави се́ што е во нејзина можност за да се контролираат високите цени и дека веќе го зголемиле производството на два и пол милиони барели дневно во овој квартал од годината, и покрај одлуката во март за намалување на производството. Според него, стабилните цени се во интерес и на земјите- производители, и на потрошувачите.

Министрите за нафта на ОПЕК ќе се сретнат во четврток во Бејрут во услови на зајакнато обезбедување.

XS
SM
MD
LG