Линкови за пристапност

Американските трупи се обидуваат да го поправат имиџот кај ирачката јавност  - 2004-05-31


Гневот кон американските трупи предизвикан од скандалот со малтретирање на затвореници во затворот Абу Граиб во Ирак, на американска страна поттикна стравувања дека ќе се влошат и онака затегнатите односи меѓу ирачкиот народ и американските сили и дека ќе бидат засенети нивните позитивни достигнувања.

Покажувајќи кон големото државно основно училиште спроти нејзината куќа во една од најсиромашните населби во Багдад, Самира Гази раскажува што се случило утрото на 20 април 2003 година.

56-годишната вдовица вели дека нејзината бремена ќерка, Бан започнала да се пораѓа. Но, семејството немало автомобил за да ја пренесе во најблиската болница, на оддалеченост од неколку десетици километри. Во паника, вдовицата вели дека самата ја однела керќа во училиштето, кое тогаш било запоседнато од американските трупи и побарала помош.

Г-ѓа Гази раскажува дека тројца војници веднаш ја пренеле Бан во болница со нивното воено возило Хамви и ги спасиле животите на нејзината ќерка и на внуката која сега е стара една година.

Самира Гази наведува дека токму поради тоа била шокирана кога, една година по нејзиното позитивно искуство со американските трупи, ги видела фотографиите со ужасни малтретирања на ирачки затвореници во затворот Абу Граиб.

Американската армија инсистира дека само неколку војници се виновни за лошиот третман на затворениците и оти мнозинството и натаму се тука да создадат подобро општество за ирачкиот народ. Но, за капетанот во американската армија Томи Фовел, по скандалот е мошне тешко да се убедат Ирачаните во тоа.

Со месеци, капетанот Фовел надгледува некои од најитните проекти за реконструкција на канализацијата во областа на Багдад што е под контрола на Првата армиска коњичка дивизија.

Капетанот Фовел и неговите колеги се надеват дека за десет дена, новата пумпа ќе започне со прочистување на преполните базени со смет во кој се задушува оваа населба со 5.000 жители.

Но Али Сахади, жител на населбата вели дека не чувствува благодарност за она што Американците се обидуваат да го направат. Тој смета дека проектот не е ништо друго освен гест за да се потисне омразата на Ирачаните кон американските трупи.

Г-динот Сахади вели дека многу жители на Казалија се разболуваат порди тоа што окупационите сили се уште не обезбедиле доволно чиста вода и електрична енергија. Тој смета дека изложувањето на народот на вакви страдања не е ништо поразлично од она што војниците им го сториле на ирачките затвореници во Абу Граиб.

Армискиот водник Џон Борман жали што ваквите сфаќања покажуваат оти многу Ирачани не знаат за добрите работи што ги направила американската армија во изминатата година на многу места во Ирак.

„Изградивме училишта, локални центри, клиники, само што тие не се тука каде луѓето велат дека не сме сториле ништо за нив. Ви доаѓа да им кажете на овие луѓе дека секојпат кога треба да спроведеме некој проект, мора да преговараме со три бирократии. Тоа е Коалиционата привремена власт, Армијата и ирачките министерства, и за тоа е потребно време“, истакнува тој.

Но, поради тоа што трпението на Ирачаните е се помало, капетанот Фовел вели дека армијата ќе мора побрзо да работи на се́ повеќе граѓански проекти, доколку сака да ја потисне растечката нетрпеливост кон американските трупи.

„Мислам дека без оглед на се́, работењето во вистнска насока ќе го надвладее лошиот публицитет што го имаме. Во моментов чиниме најдобро што можеме за да му покажеме на народот дека сме искрени во однос на проектите што ќе бидат од корист за нивната област и ќе им помогнат на долги патеки“, вели тој.

Вакви напори веќе се во тек во различни делови на Ирак. Овие денови, американската армија објави повеќе итни проекти за развој во вредност од десетици милиони долари.

XS
SM
MD
LG