Линкови за пристапност

Во САД се прославува Меморијалниот ден - 2004-05-31


Илјадници мотоциклисти од различни краишта на САД синоќа се собраа во Вашингтон во рамки на традиционалната парада за празникот Меморијален ден. Зад собирот стои организацијата Ролинг тандер инкорпорејтед, или Тркалачка молња, наречена така според истоимената акција на бомбардирање за време на Виетнамската војна. Празникот Меморијален ден се одбележува денес, во чест на сите загинати американски војници. Оваа година тој доби посебно на важност со саботното отворање на Споменикот во чест борците од Втората светска војна во Вашингтон.

Оваа парада се одржува во главниот американски град веќе 17 години по ред. На празникот кога САД ги чевствуваат своите паднати воини, воените ветерани на мотоцикли го свртуваат вниманието на обидите да се открие судбината на оние кои се́ уште се водат како исчезнати во акција или за кои нема никакви информации.

За нас е важно да ги вратиме дома, кога-тогаш, вели Арти Милер, водачот на Ролинг Тандер Инкорпорејтед, организација на воените ветерани што го организира собирањето на мотоциклистите во Вашингтон.

„Тоа е смислата на меморијалниот ден – да го вратиме сеќавањето за оние кои ги дадоа животите за земјата, за оние кои останаа како воени затвореници и за оние кои се водат како исчезнати во борба“, вели тој.

Ветераните од Виетнамската војна го сочинуваат јадрото на Ролинг тандер, организацијата која веќе реши да му даде поддршка на претседателот Буш на претстојните избори.

Тоа претставува значајна поддршка за претседателот, со оглед на фактот дека неговиот најверојатен противкандидат од Демократската партија, сенаторот Џон Кери, се бореше во Виетнамската војна. По приватната средба со раководството на Ролинг тандер во Белата куќа, претседателот Буш се обрати на собирот на мотоциклистите по телефон:

„Мислев ќе ми дадете часови по возење со мотоцикл. На крајот испадна дека Ролинг тандер на национално ниво ме поддржа во мојот обид за реизбор и ви благодарам за поддршката“, рече г-динот Буш.

Претседателот го започна одбележувањето на празникот Меморијален ден со учеството на саботната церемонија на отворање на споменикот во чест на ветераните од Втората светска војна. Денеска тој говореше на церемонијата на одбележување на празникот на националните гробишта во Арлингтон.

XS
SM
MD
LG