Линкови за пристапност

Американски официјални лица загрижени за безбедноста и високите трошоци за конвенцијата на Републиканската партија - 2004-05-27


Официјалните лица велат дека на настанот, што ќе се одржи од 30-ти август до 2-ри септември, ќе присуствуваат околу 50.000 посетители. Републиканската национала конвенција ќе се одржи во центарот на Њујорк што и натаму се опоравува од огромните трошоци што произлегоа како резултат на терористичките напади врз Светскиот трговски центар во 2001-та година.

Но, раководителот на Комисијата на градот-домаќин на овој настан, Кевин Шеки смета дека ова сепак ќе биде прилика за заживување на локалната економија.

„Во период од една недела ова лето Конвенцијата ќе биде важна за овој град бидејќи ќе го отслика пресвртот од неодамнешната рецесија. Ова ќе биде најкратката од трите последни рецесии што го зафатија Њујорк. Економијата од туризмот се врати во нормала, се поврати и нашата фискална економија, како и Вол Стрит, се вратија туристите и Бродвеј повторно заживеа“, истакнува господинот Шеки.

Меѓутоа, некои њујорчани се загрижени дека трошоците за обезбедување на настанот се превисоки. Полицискиот комесар на градот, Рејмонд Кели, предвидува дека вкупните трошоци да се гарантира безбедноста за време на настанот, ќе изнесуваат околу 76 милиони долари, додека градоначалникот на Њујорк само пред неколку месеци изјави дека за таа цел ќе бидат потребни 27 милиони долари. Федералната влада обезбедува околу третина од средствата, но сепак, десетици милиони долари треба да бидат подмирени од страна на самиот град.

Околу 10.000 полицајци ќе учествуваат во обезбедувањето на настанот, од кои многумина се обучуваат како да се справат со нападите со хемиско или биолошко оружје. Полицајците добиваат обука и за безбедноста при транспортот и при поголеми собири. Настанот е интересен и за демонстрантите - веќе е планиран поголем протест, еден ден пред одржувањето на конвенцијата.

Еден од главните организатори на настанот, Бил Харис, вели дека очекува бројни демонстрации.

„Веруваме во Уставот на САД, веруваме во правата на луѓето да го изразат своето право на слобода на говорот и се додека тоа се врши во услови на ред и мир, луѓето можат слободно да кажат се што сакаат“, вели господинот Харис.

Тој кажа и дека е уверен оти полицијата во Њујорк ќе може да го одржи редот и мирот за време на настанот.

Бостон, каде кон крајот на јули ќе се одржи Националата конвенција на Демократската партија, ќе добие иста сума на пари како и Њујорк за организирање на настан од ваков вид.

XS
SM
MD
LG