Претставници на администрацијата беа воочливо внимателни да не го критикуваат Амнести Интернешенал, истакнувајќи дека САД имаат континуирана комуникација со оваа организација за човекови права и оти нејзниот извештај го сфаќаат сериозно.
Сепак, тие не се согласуваат со наводите во годишниот извештај на Амнести оти САД ги жртвувале човековите права за сметка на домашната безбедност, и, како што се наведува во него, „ги затвориле очите“ пред злоупотребите во странство од страна на нивните сојузници во војната против тероризмот.
На вчерашната прес-конференција, портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер ја отфрли изјавата на генералниот секретар на Амнести Ајрин Кан дека безбедносната агенда на владата на претседателот Буш е, како што рече таа самата, „пропадната визија и без принципи“.
Г-динот Баучер потенцираше дека претседателот Буш истакнал „многу јасна визија за одбрана на цивилизацијата и општеството од луѓе кои единствено посакуваат уништување“ и додаде дека спроведувањето и проширувањето на владеењето на правото е фундаментален дел од војната против тероризмот.
„Мислам дека во суштина ги елиминиравме ситуациите во светот каде владеењето на правото не постоеше, каде терористите има слобода да се движат наоколу, да прават заговори и планови со одобрение и поддршка или со занемарување од страна на локалните влади. Во многу случаи во светот сега ќе видите дека тоа веќе не е возможно“, вели господинот Баучер.
Портпаролот на Белата куќа Скот Мекклилан изјави дека ова значи „ослободување“ на 50 милиони луѓе во Авганистан и Ирак, на кои сега им се обезбеди истите оние човекови права што ги уживаат Американците.
Г-динот Баучер истакна дека САД „во никој случај не ја намалиле“ својата загриежност за човековите права и дека продолжуваат да ги покренуваат прашањата за правата како генерално, така и за поединечни случаи во комуникација со странските лидери, вклучувајќи ги и сојузниците на Вашингтон во војната против тероризмот.
Тој повторно го бранеше начинот на кој САД постапуваат во однос на скандалот со малтретирањето на затворениците во ирачкиот затвор Абу Граиб, кој од страна на Амнести се цитира како „логична последица“ на прекумерната анти-терористичка кампања.
Портпаролот рече дека САД ги признале злоупотребите во затворот што ги сториле американски војници и во тек е енергичен процес за откривање и казнување на одговорните. „Во тек е процес да задоволи правдата во овој случај“, рече тој, “и таа ќе биде задоволена “.