Во опширниот извештај, оваа организација со седиште во Лонодон наведува дека во изминатите 12 месеци светот бил во глобална борба што ги свртела екстремистите како ал-Каида против земји како САД.
Генералниот секретар на Амнести, Ајрин Кан, вели дека е платена цена на ерозијата на човековите права во целиот свет и таа ги обвинува двете страни за деградација на како што истакна самата, основните човекови права.
„Извештајот на Амнести за 2004, што го објавуваме денеска, ги одразува ставовите на милиони обични луѓе кои плаќаат висока цена заради војната за глобалните вредности, глобалните стандарди и глобалните институции – војна што се води со еднаква жестина како од страна на владите, така и од страна на вооружените групи, при што обете се туркаат во жестока надолна спирала на насилство“, вели г-ѓа Кан.
На прес-конференцијата во Лондон, таа остро го нападна екстремизмот во целиот свет.
„Ги осудуваме, и тоа најенергично, суровите, бесчуствителни и криминални напади од страна на вооружени групи, сеедно дали се работи за ФАРК, Хамас, Ал-Каида, или која било друга група. Таквите напади, или барем дел од нив, ги сметаме за злосторства против човештвото и бараме извршителите да бидат изведени пред правдата“, истакнува г-ѓа Кан.
Но, првиот човек на Амнести осуди и некои влади, кои според нејзините зборови, се борат со терор против терор. Таа кажа дека тие едноставно создаваат простор за натамошно насилство.
„Со жртвување на општите вредности на човековите права во слепата потрага по безбедност, сметаме дека владите го губат моралниот компас. Овој неуспех во раководењето е опасна отстапка во полза на вооружените групи. А, тоа никаде не е толку јасно колку што е во Ирак, во контекст на војната под американско раководство против тероризмот“, вели таа.
Ајрин Кан вели дека војната против теророт всушност резултирала во малтретирања во име на слободата во десетици држави.
Во документот на 339 страници, во кој се опишува ситуацијата со човековите права во 157 држави, најмногу критики има за САД.
„Фотографиите од затворот Абу Граиб предизвикаа општо згрозување, но не треба да бидеме изненадени од она што го видовме. Тоа е логична последица на немилосрдното водење на војна против теророт од страна на САД по 11 септември“, смета Кан.
Госпоѓа Кан кажа дека Амнести Интернешенел испратил извештаи до американската влада уште пред една година за наводната тортура и лошото постапување со затворениците во Ирак, како и за смртни случаи во затворите, за убиства на цивили и за други проблеми. Таа кажа дека Амнести никогаш не добил одговор.