Линкови за пристапност

Груевски:  Обид на Георгиевски за пуч во ВМРО-ДПМНЕ - 2004-05-25


По најновото во низата превирања во ВМРО-ДПМНЕ - директната конфронтација меѓу актуелниот челник на партијата Никола Груевски и неговиот претходник, почесниот претседател Љубчо Георгиевски, во самата партија дојде до разделба меѓу двете фракции предводени од двата лидера. Обајцата деновиве работат во своите кабинети во седиштето на партијата во центарот на Скопје, меѓусебно оддалечени едвај неколку десетици метри, додека пред седиштето одвреме навреме се групираат нивни симпатизери.

Господинот Груевски околу евентулната разврска за Гласот на Америка на македонски јазик изјави:

„Како поминува времето, така станува сé поизвесно дека сепак, сето ова беше можеби еден обид за пуч во партијата. Тоа се докажува и овие денови, кога очигледно, господинот Георгиевски веќе јавно, барем мене ми кажа отворено, дека сака да се врати на позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и работи на собирање на потписи од членовите на Централниот комитет. Ако собере повеќе од половина, јас би требало во одреден рок да свикам седница на Централниот комитет и да се гласа дали да се оди на вонреден конгрес. Така, деновиве, членовите на Централниот комитет се луѓето до кои има доста телефонски јавувања, доста разговори. Многу од нив тие работи ги кажуваат и како жестоки притисоци - дневно по пет-шест луѓе се јавуваат од различни страни, со убедувања, со ветувања, со закани и слично, за да дојдат и да потпишат. Некои од нив потпишале, некои не, меѓутоа, според информациите, далеку е од можноста дека повеќе од половина од членовите ќе потпишат. Сето ова се надевам дека во близок период ќе заврши и дека Централниот комитет ќе расправа и ќе ги донесе потребните заклучоци по сите прашања“.

Актуелниот претседател Груевски вака ја коментира својата јавно упатена порака до почесниот претседател Георгиевски да ја преиспита одлуката да се врати на чело на партијата, како и својата најава дека ќе оди до крај:

„Кога велам ќе одам до крај, ќе одам до крај во создавањето на контрола врз органите на партијата. Очигледно дека во Извршниот комитет има тешки опструкции и не може да се работи во вакви услови, така што мислам дека деновиве ќе се разрешат сите овие работи и дека потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе тргне во една добра насока и кон рушење на СДСМ кои исклучетелно лошо ја водат државата. Стандардот на населението паѓа, цените растат и имаме една бедотија во државата, се́ полош и полош живот и тука треба да се фокусираме како партија: кон подобрување на економското живеење, приклучување кон ЕУ, кон НАТО и кон една држава која ќе биде дел од богатото семејство на европски народи“.

За коментар за расколот во партијата се обративме и до почесниот претседател Љубчо Георгиевски, но тој по враќањето во Македонија досега не се огласил во медиумите во земјата.

XS
SM
MD
LG