Македонија постигнала забележителен напредок во демократизацијата минатата година, што се должи на процесот на децентрализација, употребата на јазиците на малцинствата и формирањето на Антикорупциската комисија. Но, генералната оценка во годишниот извештај за реформите во земјите во транзиција на американската организација Фридом Хаус ја расипува негативниот рејтинг во областа на независноста на медиумите.
Невладината организација со седиште во Њујорк во најновиот извештај предупредува дека на Македонија и́претстојат многу предизвици. Притоа, Фридом Хаус се повикува на истражувањето на јавното мислење според кое најголема закана за безбедноста во Македонија не е етничкиот екстремизам, туку економската ситуација и сиромаштијата. Исто така, нерешениот статус на Косово и натамошната активност на таканаречената АНА претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Како пример се наведува дека некои села на северозапад од земјата и натаму се под контрола на паравоени групации што себе се идентификуваат со АНА.
Во извештајот на Фридом Хаус се предвидува дека претстојните локални избори ќе бидат голем испит за единството на владејачката коалиција и за односите меѓу Македонците и етничките Албанци. Згора на тоа, ограничениот буџет за спроведување на реформите може да придонесе за влошување на ситуацијата, наведува Фридом Хаус.
Сепак, во 2003 година Македонија доби позитивни поени за спроведување на политички реформи. На Балканот, Македонија и Босна и Херцеговина бележат најголем напредок. Според оценките по области, тие предничат пред своите соседи во цивилното општество, владеењето, во законските и судските рамки и во намалување на корупцијата.
Она што и́ донело позитивни поени на Македонија во извештајот на Фридом Хаус според стандардите за цивилно општество во 2003 година, бил развојот на невладиниот сектор. Негативни поени, пак, добива кај состојбата на медиумите, при што се констатира дека нивната независност страдала по продажбата на три главни весници на германската медиумска група ВАЦ.
Значајни позитивни промени се констатираат во владеењето заради процесот на децентрализација на земјата, а има и мал напредок во борбата против корупцијата со усвојување на закони и преземање на некои конкретни акции. Но, се истакнува дека овие напори се критикувани како политички мотивирани и дека недостасува координација меѓу владините организации, судството и законодавството.
Инаку, во извештајот на Фридом Хаус, со наслов “Државите во транзиција“ се заклучува дека на Европа и се заканува ширење на загрижувачки демократски јаз. Тие сметаат дека тоа произлегува од проширувањето на ЕУ. Со него се формализира нова поделба меѓу стабилните и демократски држави на Централна Европа и балтичките земји и послабите пост-комунистички држави кои и натаму заостануваат во клучните области на демократскиот развој, се вели во студијата на Фридом Хаус. Притоа се констатира дека најлоша е состојбата во Русија, додека на Балканот таа се подобрува. Инаку, во извештајот на Фридом Хаус се анализирани промените минатата година во 23 поранешни комунистички земји плус Косово.