Линкови за пристапност

Истрага за корупција во програмата „Нафта за храна“ за Ирак - 2004-05-21


Претседавачот со панелот назначен од ОН, кој ги разгледува наводите за корупција на програмата за Ирак „Нафта за храна“, вели дека истражителите спорат околу пристапот до можните криминални документи. Ова тело најпрво ќе се фокусира на обвинувањата за неправилното работење од страна на персоналот на ОН.

Поранешниот шеф на Американската централна банка, Пол Волкер, вели дека ќе биде потребно најмалку една година пред да се комплетира неговата истрага за наводната корупција во програмата „Нафта за храна“.

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан го назначи овој влијателен банкар на функцијата, минатиот месец, во време на серија обвинувања дека поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин ја користел програмата за перење на пари, како и за услуги на блиски до него бизниси и влади.

Г-динот Волкер се надева дека ќе подготви прелиминарен извештај во рок од три месеци кој би се однесувал на обвинувањата за несоодветно работење на персоналот на ОН, вклучувајќи го и администраторот на оваа програма на светската организација, Бенон Севан, кој категорично ги отфрла овие обвинувања.

Телото на чело со г-динот Волкер потоа ќе работи на испитување за можна поврзаност на корпорациите, па и владини претставници, со Садам Хусеин со цел од програмата да приграбат милијарди долари нелегална заработка.

Г-динот Волкер вели дека веќе има испратено тим од искусни истражители во Багдад. „Во Ирак се наоѓаат мошне важни податоци и сметаме дека од особена корист ќе биде доколку обезбедиме некаква контрола врз овие податоци, доколку имаме задоволителна истрага и притоа да ставиме на знаење дека се работи за мошне приритетно прашање“, рече тој.

Г-динот Волкер појасни дека во моментов се во тек неколку истраги кои се борат за контрола врз релевантни документи за случајот, но како што вели, истрагата на ОН е онаа што е најавторитативна.

Тој негираше дека има некаква информација за документи одземени за време на вчерашниот упад на америкаснките трупи и ирачката полиција во канцелариите на членот на Ирачкиот владеачки совет, Ахмед Чалаби, кој спроведува сопствена истрака за наводната корумпираност во програмата „Нафта за храна“.

Инаку, оваа хуманитарна програма започнала кон крајот на 1996-та година, како начин за намалување на потешкотиите на просечниот Ирачанец заради економското ембарго што врз Ирак го воведоа ОН. На Владата на Садам Хусеин и беше дозволено да продава нафта за да може да ги набави неопходните прехранбени продукти.

Се верува дека поголемиот дел од документите кои содржат информации за наводната корумпираност во програмата, биле под контрола на Ахмед Чалаби.

Одделот за сметководство во канцеларијата на генералниот секретар на ОН, минатиот месец објави дека Садам Хусеин имал нелегален профит од 4,4 милијарди долари преку наплата за нафтата на компаниите кои согласно програмата, го снабдувале Ирак со прехранбените продукти.

Истиот извор вели и дека владата на Хусеин надвор од Ирак прошверцувала нафта во вредност од 5,7 милијарди долари, користејќи ја програмата за покритие.

XS
SM
MD
LG