Линкови за пристапност

Караманлис: “Имаме многу добри односи, но потребна е поголема флексибилност од страна на ФИРОМ“  - 2004-05-21


За тоа дали е постигнат некаков напредок во спорот меѓу Македонија и Грција се интересирал и американскиот претседател Џорџ Буш на вчерашната средба во Белата куќа, како и генералниот секретар на ОН, Кофи Анан на средбата со господинот Караманлис во Њујорк, кажа грчкиот премиер.

“Како што знаете, во тек е процес под покровителство на ОН и во овој момент нема никакви новини на тој план“, изјави грчкиот премиер Караманлис на синоќешната конференција во Вашингтон.

Но новиот грчки премиер додаде дека Македонија сега треба да покаже добра волја.

Потсетувајќи дека не така одамна Македонија мина низ сериозна внатрешна криза, Караманлис рече дека тогаш земјата во голема мерка зависела од поддршката на Грција.

„Имаме многу добри односи, но потребна е поголема флексибилност од страна на ФИРОМ за да се придвижиме во позитивна насока по прашањето што го споменавте“, рече тој.

Тој кажа дека засега нема ништо ново и дека продолжуваат преговорите под покровителство на ОН.

Премиерот Караманлис рече дека билатералните односи меѓу двете соседни земји се движат во позитивна насока, како на економско ниво, така и на политичко ниво. Тој кажа дека Грција е многу активна во обновата на регионот на Југоисточна Европа и дека е главен инвеститор и трговски партнер на Албанија, Македонија и Бугарија.

Инаку цел на посетата на Караманлис на САД беа Олимписките игри што треба да се одржат во Атина во август, при што грчкиот премиер го уверувал претседателот Буш дека Грција ќе бидат решени сите проблеми со бебзедноста и подготовките за игрите. Претседателот Буш изјави дека нема да замине во Атина за Олимпијадата заради претседателските избори, но дека американската делегација ќе ја предводи неговиот татко.

XS
SM
MD
LG