Линкови за пристапност

vesti 20 - 2004-05-20


Ирак

Членот на Ирачкиот владејачки совет Ахмед Чалаби ја обвини привремената коалициона власт за упадот во неговиот дом и канцелариите од страна на ирачката полиција и американските војници.

Тој рече дека полицијата влегла во неговиот дом и со закана со оружје одзела документи. Претходно, очевидци изјавија дека од канцелариите на партијата Ирачки национален конгрес на г-динот Чалаби биле изнесени компјутери, досиеја и опрема. Портпаролот на коалицијата рече дека истрагата ја воделе ирачките власти кои и ја извеле операцијата. Во меѓувреме, американски воени претставници и натаму ги оспоруваат ирачките обвинувања дека коалиционите сили извршиле напад на една свадбена веселба вреча во пустинскиот дел, при што биле убиени 40 ирачки цивили. Армијата вели дека било пукано врз објект во кој имало странски борци.

Ирак – Малетретирање на затвореници

Американските телевизиски мрежи објавија уште две нови фотографии од ирачкиот затвор Абу Граиб, на кои можат да се видат американски војници како позираат и се смеат на телото на еден ирачки затвореник.

На фотографиите припадниците на специјаланта единица во американската армија Чарлс Грејнер и Сабрина Харман со насмевка на лицата се сликани со телото на затвореникот легнато на под и покриено со мраз. ТВ-мрежата Еј-Би-Си го идентификуваше мртвото тело на затвореникот како Манадел Ал-Џамади, велејќи дека тој бил претепан до смрт од страна на цивилни лица или вработени во ЦИА кои вршеле испрашување. Грејнер и Харман се меѓу седуммината американски војници обвинети за малтретирање и сексулна злоупотреба на ирачки затвореници во Абу Граиб.

Израел - Палестинци

Израел денеска продолжи со воените операции во бегалскиот камп Рафах во Газа и покрај меѓународната осуда на убиствата на палестинските цивили и на уривањето на палестинските домови.

Во најновите насилства биле убиени најмалку 6 лица, со што вкупниот број на Палестинците кои биле убиени оваа недела се зголеми на 40. Минатата недела биле убиени 13 израелски војници и над 30 Палестинци. Израелската армија вели дека операцијата ќе продолжи се додека не бидат уништени сите тунели за шверц на оружје од Египет во Газа. Во меѓувреме, на Западниот брег, израелската армија соопшти дека бил убиен локален лидер на Хамас, при операција за негово апсење.

Тајван - Политика

Тајванскиот претседател Чен Шуи Бјан доби втор мандат на оваа функција, ветувајќи подобрување на затегнатите односи со Кина.

За време на неговата инаугурација, г-динот Чен отфрли каква и да е иницијатива за отцепување од главното копно. Тој истакна и дека Тајпеј и Пекинг треба да користат, како што го нарече – ново размислување за ставање крај на нивниот долгогодишен политички конфликт. Г-динот Чен кажа дека неговиот контроверзен план за реформи во тајванскиот Устав има за цел подобрување на ефикасноста на тајванската Влада. Тој истакна и дека Кина мора да разбере оти воените закани ќе придонесат само кон изолираност на тајванскиот народ. По обраќањето на лидерот на Тајван, Пекинг издаде соопштение во кое се осудуваат, како што се нарекуваат, пронезависните активности на тајванскиот претседател.

Јужна Кореја – Американски трупи

Јужнокорејскиот претседател Ро Му Хјун вели дека Сеул ќе мора да го засили својот одбрамбен систем, заради американските планови за намалување на нивното воено присуство во оваа земја.

Г-динот Ро кажа дека Владата на Јужна Кореја треба да разгледа чекори за справување со планираното повлекување на американските трупи, вклучително и создавање на независен систем за одбрана. САД рекоа дека планираат прераспоредување на 3.600 војници од Корејскиот Полуостров во Ирак. И јужнокорејски и американски претставници потенцираа дека намалувањето на трупите во земјата нема да ја ослабе американската воена подготвеност против заканата на Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG