Линкови за пристапност

Комисијата што ги истражува терористичките напади од 11-ти септември ги заврши сослушувањата во Њујорк  - 2004-05-20


Членот на Комисијата, Тимоти Ромер го праша поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани, зошто не му биле дадени предупредувањата од Еф-Би-Ај и ЦИА за документот со брифинг за претседателот од 6 август 2001. Во меморандумот се наведува дека Осама бин Ладен има намера да ги нападне САД и притоа три пати се споменува Њујорк и Светскиот трговски центар.

„Како да се обидеме да го подготвиме нашиот народ, нашите градови за нешто што се случило тој ден и веројатно пак ќе се случи?“, истакна господинот Ромер.

„Не знам дали можам целосно да одговорам на тоа прашање, но ќе се обидам. Доколку таа информација ни беше дадена или доколку имавме повеќе предупредувања летото 2001, можам искрено да ви кажам дека би постапиле поинаку“, вели г-динот Џулијани.

Но членовите на Комисијата не поставуваа исти тешки прашања како што им поставуваа на поранешните пожарникарски и полициски офицери на првиот ден од сведочењето, што беше причина некои роднини на жртвите на нападот налутено да викаат за време на сведочењето на поранешниот градоначалник.

Розлин Талон, чиј брат Шон бил пожарникар кој загинал во кулите близначки, вели дека многу спасувачи загинале затоа што нивните радо-станици не работеле и тие не знаеле дека кулите ќе се урнат. Таа вели дека пожарникарите и натаму се лошо опремени и дека тоа прашање не се ни поставува.

„Мислам дека Комисијата станува површна. Мислам дека не доаѓаат до суштината на она што треба да го прашаат. Вчера имавме детален разговор со раководителот на пожарникарите Томас Вон Есен за историјата на радио-станиците и Комисијата треба да го дознае она што го знам јас и она што го знае мојата мајка и да поставува прашања што би сакале ние да ги поставиме“, вели г-ѓа Талон.

Градоначалникот Мајкл Блумберг, кој стапи на функција четири месеци по терористичките напади, кажа дека Њујорк е главна цел на терористите и побара повеќе пари за заштита од напади.

„Би сакал да побарам од оваа Комисија во конечниот извештај да препорача неопходни реформи во државниот систем за финансирање на домашната безбедност. Тоа е систем што беше нерационален првиот пат кога сведочев, сега е трагично воден во погрешна насока, со што се создаваат нови ризици, не само за Њујорчаните, туку и за сите Американци“, истакна Блумберг.

Градоначалникот на Њујорк и натаму е на 49-то место од 50 федерални држави во однос на финансирањето по глава на жител за домашна безбедност.

„Ова е најлоша политика на финансирање. Тоа е кратковида глупост со која некој е секогаш прв, а со која Вашингтон добива лоша репутација. Го има ефектот на помагање и поттикнување на оние кои не мразат и коваат заговори против нас“, вели тој.

Првиот човек на Одделот за домашна безбедност, Том Риџ, во неговото сведочење рече дека работи на тоа да се интегрираат комуникациите меѓу претставниците на контра-тероризмот и агенциите за спроведување на законот и неговиот оддел го нарече тимска работа.

Еден од членовите на Комисијата кажа дека бирократијата ги забавува можностоте на господинот Риџ да си ја врши работата.

„Пред колку комисии во Конгресот поднесувате извештај?“, вели членот на Комисијата.

„Мислам дека конгресменот спомена 88 комисии и подкомисии. Навистина се многу“, вели Риџ.

„Помислив дека не слушнав добро. 88?“, истакна членот на Комисијата.

Многу од членовите на семејствата кои присуствуваат на сослушувањата беа разочарани што немаше повеќе детали во прашањата и одговорите. Мери Фечет, која го загуби својот син во нападите, е една од нив.

„Крајно сум фрустрирана што завршивме со оваа комисија и слушавме вакви површни прашања. Мислам дека доколку не водиме грижа за спречување ова да се повтори, би можеле да зборуваме за успех, но ако навистина сакаме да ги откриеме грешките што се случија на 11 септември, би требало да се фокусираме на ти грешки и добро да ги разбереме“, вели г-ѓа Фечет.

Следното сослушување Комисијата ќе го одржиу во Вашингтон во јуни. Комисијата планира во јули да ги достави своите препораки до претседателот за тоа што треба да се стори за да се спречат идни напади.

XS
SM
MD
LG