Линкови за пристапност

Ерика Данлап - Мис на Америка 2004: Нетолеранцијата кон другите култури само ја потенцира важноста од комуникација и наоѓање на сличности и покрај разликите - 2004-05-20


Госпоѓица Данлап која беше избрана за време на 82-та по ред манифестација за избор на најубавата жена во САД, што традиционално се одржува во Атлантик Сити, Њу Џерси, неодамна го посети Гласот на Америка. 21-годишната Ерика е студент на Универзитетот Централна Флорида и е седма Мис на Америка од афро-американско потекло.

„Би сакала својата кариера да ја градам во музиката или на филмското платно, но засега тоа сакам да го правам за своја душа“, изјави таа. „Би сакала сите млади жени, без оглед на нивното потекло, да осознаат дека и покрај физичката убавина, нема да постигнат многу во животот без сооодветно образование, бидејќи само тогаш“, истакнува таа, „ќе бидат повеќе почитувани од оние кои ги опкружуваат. Преку фокусирањето на интелектуалниот аспект, убавината сама ќе излезе на површина“, кажа г-ѓица Данлап.

Според победничката на овогодишниот конкурс Мис на Америка, нетолеранцијата кон другите култури само ја потенцира важноста од комуникација и наоѓање на сличности и покрај разликите:

„Во сите делови од светот сметам дека е од особена важност да знаеме како да ги надминеме бариерите кои постојат меѓу нас. Кога станува збор за оние кои се со исто етничко потекло, но со различна расна припадност, како и кога се работи за различна верска припадност ширум светот, приоритет треба да и се даде на меѓусебната комуникација, нашите разлики не треба да преминат во конфликт. Од особена важност е и да ги идентификуваме тие разлики, но и да посочиме на сличностите кои сите ги споделуваме“, вели таа.

Околу улогата што ја има како Мис на Америка, г-ѓица Данлап смета дека постои огромно недоразбирање оти станува збор само за надворешна убавина. При изборот на убавица, вели таа акцентот е подеднакво ставен на интелектот, талентот и определбата на натпреварувачката преку хуманата платформа за која се залага. Ова особено се однесува на „Мис Америка“ – називот на организацијата која стои зад оваа манифестација, истакна овогодишната убавица на САД.

XS
SM
MD
LG