Линкови за пристапност

Стејт Департмент: Забелешки за бавното и неефикасно судство и трговијата со луѓе - 2004-05-19


Американската стратегија за подобрување на ситуацијата со човековите права и демократијата во Македонија е фокусирана на поттикнување на владата за спроведување на Рамковниот договор, забрзување на процесот на децентрализација, обезбедување фер и транспаретни судски процеси, реформи во полицијата, подобрување на работничките права и борбата против трговијата со луѓе. Како што се наведува во Извештајот за поддршка на човековите права и демократијата за периодот 2003-2004 година, американските напори се насочени кон забрзување на решавањето на случаите на безбедносни службеници од претходната влада кои ги прекршиле човековите права во 2001-та и 2002-та година. Посебно се истакнуваат активностите на Американската амбасада во Скопје за изведување пред правдата на, како што се наведува, сторителите на масакрот во Раштански лозја.

Во контекст на постигнување ефикасна и транспарентна локална влада, САД во 2003 година одвоиле 2,7 милиони долари за спроведување на процесот на децентрализација, а во соработка со 90 локални организации и локални самоуправи се доделени грантови за неразвиените општини, како поддршка на проекти за превенција од СИДА и ХИВ, за надминување на последиците од конфликтот и за вработување на младите и развој на заедниците.

Преку програмите на Меѓународниот републикански Институт (ИРИ) и Националниот демократски институт (НДИ), се наведува во извештајот, САД во Македонија се ангажирани и во зајакнување на организацијата на политичките партии, подобрување на нивната комуникација со јавноста и зголемување на учество на жените во политиката и спроведувањето на јавни дебати со граѓаните за одредени нацрт-закони.

Американскиот центар за меѓународна солидарност во трудот во изминатата година, преку проекти во вредност од 500.000 долари работел на едукација на работничкиот синдикат за приватизацијата и за застапувањето на правата на работниците, како и за поттикнување на процесот на етничка интеграција на трговските унии и покрај тензиите произлезени од конфликтот во 2001 година.

Преку обука, едукација и јавно информирање, САД се ангажирани во зајакнување на борба против трговија со луѓе во Македонија, стои во извештајот. Преку програмата за обука за истрага на меѓународен криминал на Американскиот оддел за правда спроведени се обуки за зајакнување на соработката меѓу обвинителите, полицијата истражните судии и за подобрување на начините за борбата против овој проблем, додека со 595.000 доалри САД финансирале програми на невладини организации, медиумски кампањи и полициска обука. Притоа посебно се истакнува улогата на Амбасадата и амбасадорот во Скопје во случајот на повторното фаќање и изрекувањето на пресуда на озлогласениот трговец со луѓе Дилавер Бојку. Исто така, се вели дека како резултат на на американската ангажираност, зголемен е бројот на изречени судски пресуди поврзани со трговија со луѓе.

Извештајот за поддршка на човековите права и демократијата се објавува еднаш годишно, веднаш по Извештајот за ситуацијата со човековите права во светот, за секоја земја посебно. Неговата стратегија е базирана на осумте барања наведени во американската Национална стратегија за безбедност - владеење на правото, ограничување на апсолутистичкото владеење, слобода на говорот, печатот и религиозното изразување, еднаквост пред правдата, почитување на жените, верска и етничка толеранција и почитување на приватната сопственост. Извештајот беше објавен со задоцнување, што американски владини претставници го образложија со гневот предизвикан од обелоденувањето на скандалот со малтретирањето на затвореници во Ирак од страна на американски војници.

XS
SM
MD
LG