Линкови за пристапност

Конгрес - Ирак - 2004-05-19


Највисокиот американски командант во Ирак, генералот полковник Рикардо Санчез ја увери Комисијата за оружени сили на Сенатот дека се преземени чекори за да се осигура дека злоупотребата на ирачките затвореници нема да се повтори:

„Јас сум целосно определен за независна истрага која ќе ја испита улогата, дејствувањето и пропустите на целиот синџир на команда, а тука се вклучувам и себе си. Како висок командант во Ирак ја прифаќам одговорноста за слученото во Абу Граиб и свечено давам збор дека тоа нема да се случи повторно“, рече генералот Санчез.

Во првиот процес пред воен суд по скандалот армискиот специјалист Џереми Сивиц во Ирак беше осуден на една година затвор и отпуштање од армијата заради неговата улога во злоставувањето.

Генералот Санчез на Комисијата за оружени сили и кажа дека истрагата може да резултира со нови кривични пријави.

Генералот Санчез беше одговорен за поставување на военото разузнавање на чело на затворот Абу Граиб во Ирак. Тој кажа дека таа одлука ја донел за да го заштити затворот и тоа не е поврзано со испрашувањата.

Истрагата испитува дали воената полиција оперирала под наредби на военото разузнавање кога спроведувала агресивно испрашување на затворениците.

Генералот Џон Абизаид, раководител на американската Централна Команда кажа дека системските проблеми во затворот Абу Граиб довеле до злоупотребата но дека не верува оти имало востановена пракса на злоупотреба.

Генералот Абизаид кажа дека скандалот нема да ја попречи американската армија во напорите за воведување стабилност во Ирак.

Претседателот на Комисијата сенаторот Џон Ворнер во текот на сослушувањето соопшти дека Пентагон открил друг компакт диск на кој имало други фотографии на злоупотреба и на законодавците ќе им биде овозможено да ги видат.

Фотографиите објавени во медиумите на американски војници кои сексуално понижувале и малтретирале затвореници на други начини, предизвика меѓународно згрозување и некои дури го поставија прашањето за определбата на администрацијата на Буш да донесе демократија во Ирак.

XS
SM
MD
LG