Затворот Абу Граиб се простира на неколку квадратни километри во пустина западно од Багдад, и во него своевремено биле притворени илјадници затвореници, меѓу кои и противници на поранешниот диктатор Садам Хусеин.
Кусо време откако американските сили го соборија Садам Хусеин од власт и ја преземаа контролата врз Багдад, американската армија почна да го користи објектот за притворање на обични криминалци, како и Ирачани за кои постоело сомневање дека се вмешани во напади врз коалиционите сили.
Засега 10 американски војници се соочуваат со кривични обвиненија, со што практично се става крај на нивната кариера во американската армија. Претседателот Буш, пак, упати јавно извинување до ирачкиот народ.
Во Абу Граиб се воведени промени, со цел да се подобрат животните услови на 3.500-те затвореници.
Во рамките на затворот, полковникот Мајк Оди кој воедно е и лекар, е надлежен за новата болница отворена пред два месеца. Претходно Абу Граиб имал слабо опремени амбуланти каде била укажувана само прва помош и каде биле згрижувани илјадници лица.
“Се грижиме како за пациентите-затвореници, така и за пациентите-војници, и сите добиваат поддеднаква грижа. За нив се одговорни исти професионални здравствени работници, медицински сестри и медицински техничари“, вели господинот Оди.
Управниот кадар на затворот вели дека во тек е преместување на затворениците во нов камп каде ќе спијат на полски кревети со душеци наместо на дрвени подови како досега. Во кампот наскоро ќе има електрична енергија, така што во секој од шаторите ќе бидат инсталирани вентилатори и клима уреди.
Новинарите го посетија и делот од затворот каде се случиле наводните малтретирања. Зад решетки можеа да се видат и неколкумина затвореници, но според Женевската конвенција, што содржи стриктни правила за третманот на затворениците, тие не можеа да бидат интервјуирани.
Американскиот генерал-мајор Џефри Милер минатиот месец беше наимуван да раководи со американските затвори во Ирак. Тој вели дека го разбира негодувањето во јавноста за она што се случувало во Абу Граиб и е определен да обезбеди вакво нешто да не се повтори, како во овој, така и во другите затвори во Ирак.
“Изминативе 30 дена ги поминав разговарајќи буквално со секој надлежен и секој војник во оваа организација, за тоа што се нашите страндарди и како да ја вршиме нашата работа. Им кажав: „Не правете ништо од што би се срамиле, не правете ништо поради кое Америка нема да биде горда“, вели генералот Милер.
Назначувањето на генералот Милер на оваа позиција не мина без контроверза. Повеќе од една година тој беше одговорен за затворот во Заливот Гвантанамо на Куба, каде во притвор се држат стотици осомничени терористи на Ал-Каида. Покрај тоа, минатата година, генералот Милер го посетил Ирак каде дал неколку препораки за тоа како треба да функционира воениот затворски систем во Ирак. Во неодамнешниот извештај на американската армија се вели дека генералот Милер препорачал обука за стражарите во затворите кои би преземале поактивна улога во извлекување на информации од затворениците. Г-динот Милер порекнува дека воопшто дал таква препорака.
Милер вели дека токму тој неодамна го убедил американскиот командант на коалиционите сили во Ирак, генерал-полковникот Рикардо Санчез, дека армијата треба да престане со употребата на некои агресивни техники, како манипулации со исхраната, држење на затворениците во напната положба, што имаат за цел да се извлечат информации од нив.
Генералот Милер истакна и дека планира наскоро да ослободи околу 2.000 затвореници од Абу Граиб и да го намали нивниот број на околу 1.500. Армиските лица задолжени за истрагата на малтретирањата во Абу Граиб наведуваат дека фактот што затворот напати бил преполн исто така има придонесено за атмосферата на малтретирање.