Линкови за пристапност

ОН бараат повеќе пари за мировните операции - 2004-05-18


Трошоците за мировните операции на ОН годинава се очекува да се зголемат како никогаш порано. Покрај 14 тековни операции, се планираат уште три нови - на Хаити, во Бурунди и Судан.

Покрај тоа, најверојатно ќе биде проширена мисијата на Брегот на Слоновата коска, а нема надеж дека наскоро ќе биде ставен крај на мисиите во Сиера Леоне и Источен Тимор.

На сето ова се надодава и неизвесноста дали сините шлемови на ОН ќе бидат повикани да интервенираат во Ирак.

Имајќи го сето ова на ум, генералниот секретар Кофи Анан од Советот за бебзедност побара повеќе пари, како и повеќе војници од земјите кои даваат мировниции.

“До крајот на годинава, за да се одржат новите и проширените мисии, дополнително ќе ни бидат потребни една милијарда долари за буџетот на мировништвото на ОН, што во моментов изнесува 2,8 милијарди долари“, кажа господинот Анан.

Господинот Анан оцени дека мировните операции сепак се исплаќаат, правејќи споредба дека дури и предложената инвестиција за мировничките напори од четири милјарди долари годишно е поприфатлива од 128-те милијарди долари економска штета во светот предизвикана од граѓански војни.

Генералниот секретар не го спомена Ирак, но затоа говореше за потребата на мировниците на ОН да им се даде овластување да можат да се бранат кога започнуваат нови и поопасни мисии.

“Посебно што ОН влегуваат во нетрадиционални аспекти на мировништвото, нашите мировници стануваат цел на оние чии намери се да го спречат политичкиот процес, надевајќи се дека со продолжување на насилството ќе можат да ги постигнат своите цели. Сите сме одговорни да обезбедиме дека ќе бидат заштитени сите оние што служат под повелбата на ОН за мировни мисии“, изјави господинот Анан.

Најскапа мировна мисија во моментов е во Демократската Република Конго. Годинава сметката изнесува 640 милиони долари. Други две, во Либерија и Сиреа Леоне, чинат годишно по 500 милиони долари. Се очекува планираните мисии за Хаити и Судан да бидат меѓу најскапите.

САД и Јапонија заедно плаќаат речиси половина од трошоците за мировните операции на ОН.

Мировничката команда на светската организација се состои од 50 илјади припадници на воен и цивилен персонал од околу 100 од вкупно 191 земја-членка на ОН. Пакистан, кој во моментов претсадава со Советот за безбедност, обезбедува најмногу војници, околу 7.500. Втор е Бангладеш со 6.300 мировници.

XS
SM
MD
LG