Линкови за пристапност

Реакции:Убиството на Изидин Салим -терористички, зол и кукавички чин - 2004-05-17


Ирачки претставници го осудија убиството на претседателот на ирачкиот владеачки совет Изидин Салим во Багдад. Ирачкиот министер за надворешни работи, Хошиар Зебари кажа дека нападот е дело на оние кои сакаат да го изместат процесот на создавање нов, демократски Ирак.

Господинот Зебари кажа дека е длабоко погоден од вестите за смртта на Изидин Салим. Тој вели дека сите кои го прифатил предизвикот да создадат нов, пост-Садамски Ирак знаеле дека можат да станат цели за атентат.

„Ние нема да се повлечеме, нема да бидеме заплашени и ќе продолжиме да маршираме кон нов Ирак“, рече тој.

Министерот за надворешни работи Зебари кажа дека и тој бил цел на напад неколку пати, додека бил во конвој возила и дури и во неговата канцеларија во министерството за надворешни работи. Тој кажа дека нападите се дело на оние кои се против слободен и демократски Ирак и кои сакаат Ирак да биде заснован на страв и насилство.

Господинот Салим, шиитски муслиман од јужниот град Басра, го држеше ротирачкото претседателство на ирачкиот привремен владеачки совет. Долго време тој беше член на ирачката опозиција.

Тој е убиен заедно со неколкумина други лица, вклучувајќи го и неговиот заменик, во експлозија на бомба во централен Багдад, во близина на силно обезбеденото седиште на Советот и на Коалицијата.

Наследникот на господинот Салим како раководител на ирачкиот владеачки совет, Гази Маршал Аџил ал-Јавер, убиството го нарече голема трагедија која ги засега сите Ирачани.

„Со овој терористички акт, зол и кукавички акт, против човекот чии ставови беа умерени и храбри, голема загуба е за нашиот народ и неговите аспирации. Но браќата на убиениот Салим и децата на оваа земја како и владеачкиот совет, нема да се повлечат од маршот кон слобода и среќа за нашиот народ, марш за обнова на Ирак, демократски , федеративен и обединет“, вели тој.

Зборувајќи во Багдад, господинот ал-Јавер господинот Салим и другите убиени во нападот ги нарече маченици при што посебно го посочи заменикот на господинот Салим, Талиб Касем ал-Хагами. Тој кажа дека луѓето кои изведуваат такви акции треба да се засрамат и дека нивните дела го засилуваат страдањето на ирачкиот народ и може да ја продолжат окупацијата.

Главниот американски администратор за Ирак, Пол Бремер денешното убиство го осуди како злобно.

Господинот Салим е вториот член на владеачкиот совет врз кого е извршен атентат. Во септември Акила ал-Хашеми беше убиена, која беше една од трите жени во владеачкиот совет.

XS
SM
MD
LG