Македонија – Влада
Македонскиот претседател Бранко Црвенковски го назначи министерот за внатрешни работи Хари Костов да го замени како премиер. Господинот Костов, економист без членство во некоја политичка партија, ќе има 20 денови да формира нова влада. Господинот Црвенковски даде заклетва на претседателската функција во средата, доаѓајќи на местото на Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во Босна и Херцеговина во февруари.
Ирак – ослободени затвореници
Американските сили ослободија повеќе од 300 Ирачани од затворот Абу Граиб во близина на Багдад, еден ден откако американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд го посети затворот среде скандалот за малтретирање на затвореници. Ослободените затвореници се дел од програмата да се намали бројот на затворениците. Во меѓувреме, објавените извештаи велат дека еден од американските војници кој треба да биде изнесен пред воен суд заради малтретирање на ирачки затвореници понудил да признае дека е виновен. Извештаите велат дека армискиот специјалист Џереми Сивиц на истрагата и дал детален приказ на војниците кои се смееле и шегувале додека ги тепале, соблекувале и сексуално ги понижувале приведените.
Ирак - борби
Интензивни борби се воделе денеска неколку часа меѓу американските трупи и вооружени поддржувачи на радикалниот шиитски свештеник Могтада ал-Садр во светиот шиитски град Наџаф во јужен Ирак. Американски тенкови помогнати од хеликоптери ги опколиле позициите на паравојската на ал-Садр во центарот на градот, во некои случаи влегувајќи во судири на само еден километар од светилиштето на градот. Се јавува за мала штета направена на златната купола на џамијата каде се гледаат дупки. Не е јасно која од страните ја предизвикала штетата. Но најголем дел од борбите се случил на големите гробишта на градот од каде се извивале облаци црн чад.
Ал-Каида - соопштение
Соопштение за кое се смета дека е на главен лидер на ал-Каида во Саудиска Арабија вели дека терористичката група им помага на милитантите во борбата против американските сили во Ирак. Автентичноста на соопштението не можела да се потврди. Една исламска интернет страница го цитира лидерот Абдулазис ал-Мугрин кој вели дека ал-Каида е во тесна врска со муслимански милитанти со седиште со северниот курдски регион во Ирак. Милитантите од изјавата се верува дека се од Ансар ал-Ислам, група за која американските власти велат дека има врски со ал-Каида. Во соопштението се презема одговорноста за нападот порано месецов во Јанбу, во Саудиска Арабија, во кој загинаа петмина лица од Запад и еден саудиски припадник на обезбедувањето.
Средба на Г-8
Министрите за надворешни работи на Групата Осум денеска се среќаваат во Вашингтон имајќи ја ситуацијата во Ирак високо на нивниот дневен ред. Средбата на претставниците на водечките индустријализирани држави и Русија доаѓа во време кога САД бараат резолуција од Советот за безбедност на ОН со која ќе се одобри мултинационални сили да ја одржуваат безбедноста во Ирак по трансферот на суверенитетот во раце на ирачката влада на 30 јуни. Доцна синоќа францускиот министер за за надворешни работи Мајкл Барниер кажа дека мора да се направи, како што рече тој, вистинско одвојување меѓу окупацијата предводена од САД и трансферот на суверенитетот. Тој кажа дека ирачката привремена влада мора да биде консултирана за операциите на мултинационалните сили.
Израел - Палестинци
Израелските хеликоптери испукале најмалку два проектили во бегалскиот камп Рафах во Газа, каде израелските сили ги демолирале палестинските згради за да ја прошират зоната што ја патролираат тие по должина на границата на Газа со Египет. Сведоци велат дека неколку Палестинци и четворица израелски војници биле повредени во денешните борби. Израелските сили започнале со проширување на зоната по два одвоени напади неделава во појасот Газа во кои се убиени 11 израелски војници. Денеска објавените резултати од истражување на јавно мислење во еден израелски весник индицира поддршка за планот на господинот Шарон за повлекување од појасот Газа по неодамнешното крвопролевање.
Данска – кралска свадба
Свадбената церемонија за данскиот крунисан принц Фредерик и Австралијанката Мери Доналдсон е во тек во Копенхаген. Тие даваат заклетви во евангелистичката лутеранска катедрала во Копенхаген со големо обезбедување. Госпоѓица Доналдсон станува крунисана принцеза Мери, и дански жител. Двојката се сретна во бар во Сиднеј во септември 2000 за време на Австралиските олимписки игри. Австралијанците исто така го слават настанот со забави организирани во пабови, клубови, училишта и други места.