Линкови за пристапност

vesti 13 - 2004-05-13


Ирак

Во текот на ноќта, во ирачките свети градови Карбала и Наџаф избувнале нови борби меѓу американските трупи и вооружените поддржувачи на радикалниот шиитски свештеник Моктада ал Садр.

Во Карбала, очевидци изјавуваат дека се слушале истрели од џамијата Имам Хусеин, која се смета за едно од почитуваните шиитски исламски свети места, која се наоѓа во центарот на градот. Тие велат дека битки се воделе и во околината на светото место Имам Абас. Во Наџаф, американските трупи воделе борби со милитантите на ал Садр, кои наводно привремено зазеле една полициска станица. Претставници на локалната болница соопштија дека во борбите загинале најмалку двајца милитанти, а шест лица биле повредени.

Авганистан

Авганистански претставници соопштија дека американските трупи за време на судирите во јужен Авганистан убиле петмина осомничени талебански бунтовници и уапсиле уште пет лица.

Тие истакнуваат дека борбите избувнале откако бунтовниците се обиделе да постават заседа за една американска патрола во планинскиот премин Паџ Котал во регионот на Кандахар. Исто така се вели дека меѓу уапсените се наоѓал и главниот талебански командант за регионот. Нема извештаи за жртви на американска страна. Исто така нема ниту коментари од претставниците на американската армија во Авганистан.

Северна Кореја

Кина вели дека постојат големи несогласувања меѓу шесте земји учеснички на разговорите за севернокорејската нуклеарна програма.

Денеска е вториот ден од разговорите на работно ниво, кои се одржуваат во Пекинг. Делегатите од Кина, Јапонија двете Кореи, Русија и САД се среќаваат зад затворени врати во обид за решавање на разликите. Портпаролот на Кинеското министерство за надворешни работи изјави дека има сериозни разлики меѓу учеснициите. Тој разговорите ги опиша како отворени и искрени, кои се движат напред. Во еден руски извештај се вели дека ставовите на инволвираните страни во моментов се многу поцврти отколку пред неколку недели.

ЦИА-Ал-Каида

Весникот Њујорк Тајмс пишува дека Централната разузнавачка агенција користела сурови методи на испрашување против високи членови на Ал Каида, и оти некои агенти се загрижени за можните последици.

Во извештајот се цитираат актуелни и поранешни претставници за анти-тероризам, кои велат дека против вработен во ЦИА биле преземени дисциплински мерки поради тоа што на еден од притворените му се заканувал со пиштол. Се вели дека обвинетиот организатор на терористичките напади од 11 септември Калид Шеик Мохамед бил потпуван во вода, наводно да помисли дека ќе се удави. Според весникот, некои агенти се загрижени дека конгресната истрага за случаите на малтретирања во затворот во Ирак ќе доведе до слична истрага и за ЦИА.

Израел-Палестинци

Бројни израелски трупи поддржани од борбени авиони денеска го пребарувале палестинскиот бегалски камп во јужниот дел на Газа, во потрага по останките на петмината израелски војници кои загинаа вчера во бомбашки напад врз нивното возило.

Очевидци велат дека 12 Палестинци биле убиени во борбите со израелските трупи во текот на рацијата во кампот во Рафах. Бомбашкиот напад вчера беше втор ваков инцидент во изминатите два дена. Во вторникот, шест изралески војници загинале во градот Газа кога нивното возило наишло на бомба поставена на патот. Израелските сили денеска ја напуштиле Газа, откако милитантите ги предале телата на убиените израелски војници.

Грција-Експлозија

Рачно направена бомба денеска експлодирала пред една банка во Атина, а една грчка радикална група ја презема одговорноста и за слична експлозија минатата недела.

Грчките власти соопштија дека експлозијата што се случила рано утрово предизвикала само мали оштетувања, но не и жртви. Властите деактивирале друга бомба што била пронајдена во близина. Групата што се нарекува “Револуционерна борба“ ја презеде одговорноста за експлозиите во близина на полициска станица во Атина на петти мај. Во соопштението на оваа група што е објавено во грчки весник се вели дека некои посетители на Олипмијадата се непожелни и дека плановите за зајакната безбедност ги претвораат игрите во тврдина. Грчката влада вели дека го спроведува планот за гарантирање на безбедносна на Олимписките игри.

XS
SM
MD
LG