Линкови за пристапност

Секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд во ненајавена посета на Багдад  - 2004-05-13


Кусо време по денешното пристигнување во ирачкиот главен град, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд се сретна со високите американски воени офицери и потоа отпатува во затворот Абу Граиб во близина на Багдад, каде се случија малтретирања на некои ирачки затвореници од страна на американски војници.

Во изјавата за новинарите на пат кон Багдад, г-динот Рамсфелд рече дека тој и началниот на Здружениот американски генералштаб генералот Ричард Маерс, не одат во инспекција, туку сакаат лично да се сретнат со клучните луѓе ангажирани во секојдневните активности во затворските комплекси во Ирак под американска контрола.

„Генералот Маерс и јас сметавме дека е корисно за нас да одиме во Ирак, и да се сретнеме со некои од лицата кои се ангажирани во различни активности што се важни за нас“, истакна секретарот Рамсфелд.

Секретарот за одбрана кажа дека тој се грижи за тоа, затворениците да бидат добро третирани, војниците правилно да се однесуваат и команднипт систем да функционира.

Тој исто така рече дека е решен да бидат откриени и казнети одговорните за лошиот третман на затворениците и индицираше оти ќе биде потребно извесно време за проценка на штетата нанесена врз американските напори во Ирак.

„Мислам дена начинот на кој ова ќе се проценува, нема да биде денеска, вчера или утре, туку со тек на време. Сметам дека ќе дознаеме повеќе. Неспорно е дека ќе се појават повеќе лоши работи. Времето ќе го стори своето и ќе можеме да го видиме ефектот од тоа. Јасно е дека тоа не ни е од помош. Напротив, тоа ни одмага“, вели Рамсфелд.

Ненајавената посета на секретарот на Багдад се случува еден ден откако на членовите на Конгресот им беа прикажани досега необјавени фотографии и видео снимки од малтретирањата на ирачките затвореници од страна на американските војници. Секретарот Рамсфелд рече дека се уште не е одредено дали злоупотребите биле изолирани инциденти или се работи за раширена појава.

„Ги чекам резултатите од инспекторите и проценките и анализите за да заклучам дали тоа било масовна појава“, рече американскиот секретар за одбрана.

XS
SM
MD
LG