Линкови за пристапност

Расправа за Косово во Советот за безбедност на ОН  - 2004-05-12


Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Косово, Хари Холкери, вели дека етнички мотивираните насилства што во средината на март го зафатија регионот ја довеле во прашање успешноста на мисијата на ОН, УНМИК.

“Насилствата беа најсериозното уназадување на напорите на ОН во изминатите пет години и ја потресоа мисијата од темели. Тие ја предизвикаа истрајноста на напорите на меѓународната заедница за изградба на мултиетничко Косово каде сите граѓани ќе живеат во мир и безбедно“, изјави Холкери.

Во одделниот извештај поднесен до Советот за безбедност на ОН, генералниот секретар Кофи Анан, насилствата ги опишува како намерно насочени дејствија на косовските Албанци што имале за цел протерување на Србите и другите малцинства и уништување на општествената структура на нивниот опстанок во регионот.

Во презентацијата пред Советот за безбедност, г-динот Холкери ги критикуваше политичките лидери на Косово, вклучувајќи го и премиерот, за бавноста во осудата на нападите врз верските објекти.

Тој исто така ги обвини владините претставници и медиумите за избрзани заклучоци за околностите во врска со давењето на две албански момчиња. Како што е познато, токму нивната смрт го разгневи населението и имаше влијание во поттикнувањето на етнички насилства.

Г-динот Холкери рече дека и сега, два месеци подоцна, владее голема напнатост.

“Актуелната безбедносна ситуација на Косово не овозможува присилно враќање на припадниците на малцинските заедници во нивните домови на Косово“, кажа господинот Холкери.

На брифингот за дипломатите во понеделникот, г-динот Холкери дал, како што се опишува, песимистички проценки за напредокот на мисијата на ОН. Еден дипломат присутен на брифингот кажа дека УНМИК бил опишан како најскапа мисија од ваков вид во светот, иако нејзините резултати се ограничени.

Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Вук Драшковиќ, кој исто така се обрати до Советот за безбедност, ја обвини меѓународната заедница дека не успеала да одговори на етничките насилства на Косово.

“Меѓународните администратори и привремените институции во покраината не реагираа доволно одлучно, и затоа на 17 март десетици илјади етнички Албанци, поттикнати од локалните медиуми и радикалите, започнаа да убиваат Срби и да уништуваат споменици на вековните српски и христијански традиции во покраината“, изјави министерот Драшковиќ.

Г-динот Драшковиќ побара поголема заштита за Србите и другите малцинства на Косово.

Во насилствата во средината на март загинаа најмалку 19 лица. а над една илјада лица беа повредени, меѓу кои 100-тина меѓународни полицајци и мировници.

XS
SM
MD
LG