Британскиот премиер Тони Блер се извини за наводното малтретирање на ирачките затвореници од страна на британските трупи, а британскиот секретар за одбрана се подготвува да го брифира парламентот за скандалот.
Премиерот Блер вели дека ќе биде казнет секој британски војник за кој ќе се потврди дека е виновен за малтретирање на ирачките затвореници. Тој ова го изјави во интервју за француската телевизија.
„Ние длабоко се извинуваме на секого кој бил малтретиран од нашите војници. Тоа е апсолутно и целосно неприфатливо. Оние кои се одговорни за ова, доколку постапувале на овој одвратен начин, ќе бидат казнети во согласност со армиската дисциплина и правила“,рече бртанскиот премиер.
Секретарот за одбрана Џеф Хун се подготвува да говори во Парламентот во врска со скандалот дека коалицијата предводена од САД цела година пред да бидат објавени затворските фотографии знаела за проблемот.
Организацијата за човекови права Амнести Интернешенал со седиште во Лондон тврди дека минатиот мај им обрнала внимание на затворските власти за малтретирањата. И британските и американските власти од Меѓународниот комитет на Црвениот крст во февруари примиле извештај за малтретирање на затворениците.
Британското Министерство за одбрана вели дека истрагата по наводите за малтретирање започнала минатата година.
Додавајќи на контроверзата, британскиот таблоид, Дејли Мирор, објави наводи дека британските трупи тепале и уринале врз ирачки затвореник, а потоа го турнале од камион во движење. Фотографиите објавени напоредно со написот беа оценети од дел од воените експерти како можни фалсификати.
Според најновото истражување на јавно мислење, изведено од групата Ај Си Ем за еден независен весник, 55 проценти од Британците сакаат нивните сили да бидат повлечени од Ирак кога суверенитетот ќе прејде во рацете на Ирачаните на 30 јуни.
Владата на премиерот Блер, пак, го разгледува барањето на САД да испрати нови сили што би ја пополниле празнината како резултат на повлекувањето на шпанските војници од Ирак. Портпаролот за одбрана денеска кажа дека се́ уште не е донесена одлука по ова прашање.