Линкови за пристапност

Бомбардирани канцелариите на Моктада ал Садр - 2004-05-10


Американски борбени авиони денеска ги бомбардирале канцелариите на радикалниот шиитски лидер Моктада ал Садр во јужниот дел на Ирак. Во меѓувреме, вооружени бунтовници убиле двајца странци кои работеле во северен Ирак.

Рано утрово, американски борбени авиони ги бомбардирале канцелариите на радикалниот шиитски свештеник Моктада ал Садр во градот Садр. До нападот дојде еден ден откако коалиционите сили извршија претрес во канцелариите при што беа уапсени две лица.

Претставници на американската армија соопштија дека канцелариите биле уништени во нападот.

Во неделата, во градот Садр се водеа борби меѓу коалиционите сили и припадниците на паравоените сили на свештеникот Ал Садр, нарачени Армија Мехди.

Во северен Ирак денеска лица со автоматско оружје пукале врз едно возило во градот Киркук, при што загинале еден Јужноафриканец, еден Новозеланѓанец и еден Ирачанец. Двајцата странци работеле за една ирачка градежна компанија. Ирачанецот убиен во овој напад бил нивен возач.

Во јужниот дел на Ирак е запрен извозот на нафта откако бунтовниците го дигнале во воздух нафтоводот преку кој се снабдуваат тамошните нафтени терминали. Инженерската единици на американската армија велат дека утрово нафтоводот се уште бил во пламен.

Североисточно од Багдад, конвојот во кој се наоѓал гувернерот на ирачката провинција Дијала утрово бил нападнат со рачно направена бомба. Според ирачката полиција, бомбата експлодирала додека конвојот бил во движење, Според извештаите, двајца телохранители загинале и тројца биле повредени, а гувернерот гo преживеал нападот неповреден.

Утрово десетина американски борбени возила влегле во градот Фалуџа. Заеднички конвој на американските маринци, ирачките цивилни одбранбени сили и полицијата пристигнал пред канцелариите на градоначалникот во центарот на градот.

Претставници на американската армија во Фалуџа говореа за позитивната соработка со ирачките безбедносни сили кои ќе ја преземат безбедноста во овој град, каде на сила е примирје што уследи по жестоките борби минатиот месец.

XS
SM
MD
LG