Весниците цитираат неидентификувани официјални лица од Белата Куќа кои велат дека претседателот Буш реагирал кај секретарот за одбрана Рамсфелд за неговото пропуштање да го информира за фотографиите. Претседателот Буш кажа дека дознал за постоењето на фотографиите кога минатата недела тие биле прикажани на телевизија, пет месеци откако истрагата започнала за наводното малтретирање на затворениците во затворот Абу Граиб.
Во интервју за телевизиските станици на арапски јазик во средата, претседателот Буш го осудил таквото однесување кон затворениците.
Вчера беа објавени нови фотографии. Контроверзата веќе беше причина неколкумина врвни американски цивилни и воени претставници да се извинат, како и за покренување кривична постапка спрема шестмина американски стражари.
Во Јордан, портпаролот на Црвениот Крст Нада Думани вели дека нејзината група знаела за ситуацијата во затворот Абу Граиб уште минатата година.
“Ние бевме свесни за ситуацијата во Абу Граиб и врз основа на нашето наоѓање ние многу пати побаравме од американските власти да преземат корективни мерки“, изјави госпоѓа Думани.
Некои Членови на Конгресот изразија запрепастеност што не биле порано информирани, а и Демократите и Републиканците ја покренале можноста секретарот за одбрана, Рамсфелд, да поднесе оставка. Господинот Рамсфелд е повикан да сведочи пред Конгресот утрово.
Ова е републиканскиот сенатор Џон МекКејн.
“Потребна е решителна акција за да се помогне во поправање на нашиот имиџ. Очигледно е дека има многу работи за кои секретарот Рамсфелд и другите треба да дадат објаснување вклучувајќи и зошто Конгресот никогаш не бил информиран за ова“, смета сенаторот Мекејн.
Во јавност, претседателот Буш се држи до својот секретар за одбрана. Портпаролот на Белата Куќа Скот МекКлилан кажа дека претседателот Буш апсолутно сака господинот Рамсфелд да остане наработното место.
Во Ирак, американската армија врши натамошен притисок со нападот врз илјадници следбеници на бунтовничкиот шиитски свештеник Моктада ал-Садр кој одби да ги прифати барањата на коалицијата за прекин на едномесечниот бунт.
Известувачите од јужниот град Наџаф велат дека американските сили ја презеле канцеларијата на гувернерот од поддржувачите на Садр, со десетина убиени бунтовници во борби во и околу светиот град. Исто така се вели дека коалицијата била нападната во Карбала.
Во Багдад, највисокиот американски администратор за Ирак Пол Бремер објави назначување на долгогодишниот противник на Садам Хусеин за нов гувернер на Наџаф. Аднан ал-Зуруфи веднаш побарал паравојската во регионот да го предаде оружјето и се заложил за враќање на редот и мирот.
Во ирачкиот главен град во текот на вчерашниот ден имало уште насилство. Автомобил бомба експлодирал пред седиштето на коалицијата, наводно убивајќи еден американски војник и петмина ирачки цивили.