Линкови за пристапност

Квашњевски и Блер го осудија насилството во ирачкиот затвор - 2004-05-06


Полскиот претседател Александар Квашњевски и британскиот премиер Тони Блер кажаа дека злоставувањето на затворениците во Ирак мора да престане, а извршителите мора да бидат казнети. Обајцата кажаа дека малтретирањата се абнормални и дека повеќето коалициони војници во Ирак достоинствено ја извршуваат својата служба.

Тие ова го изјавија на заедничката прес-конференција во Лондон по неодамнешното објавување на понижувачкиот и навредлив третман на затворениците во Ирак од страна на американски и британски војници.

Претседателот Квашњевски кажа дека инцидентите во затворот се доказ дека насилството раѓа повеќе насилство, како што изјави преку преведувач.

“Ова е уште една причина за мене да се обидам да најдам невоено решение за Ирак, затоа што пролонгирањето на борбите и терористичките акти и реакциите на тие акти во Ирак и насилничките акти, за жал генерираат вакви ситуации. Во светот исполнет со многу насилство, ја губите демаркационата линија меѓу доброто и злото“, изјави полскиот претседател.

Премиерот Блер, кој беше запрашан дали коалицијата во Ирак го изгубила високото ниво на морал, одговори дека ситуацијата мора да се гледа во перспектива.

“Едноставно им велам на луѓето, да добијат соодветно чуство на баланс, за да преземеме акција што е неопходна за да обезбедиме дека ова нема да се повтори и да ги отстраниме луѓето кои се одговорни за вакви работи, затоа што за нив веќе никаде нема место. Отидовме во Ирак да ги запреме ваквите нешта, а не самите да ги правиме“, изјави британскиот премиер.

Господинот Квашњевски прашањето дали Полска може да ги повлече своите трупи од Ирак, по некои навестувања од новата полска влада, го отфрли како неодговорно.

Претседателот рече дека Полска е подготвена да го задржи својот контингент од 2.400 војници и нема да стори ништо, според неговите зборови, “што би го зголемило хаосот во Ирак“.

Британија исто така е во разговори со САД за зголемување на своите сили од 7.500 војници во Ирак. Британските весници објавија дека околу две илјади кралски маринци се подготвени за распоредување, но министерството за одбрана овие извештаи ги нарече шпекулации.

XS
SM
MD
LG