Линкови за пристапност

Интензивни дебати во Конгресот за скандалот во ирачкиот затвор - 2004-05-06


Претседателот на Сенатската комисија за разузнавање, сенаторот Пет Робертс, републиканец од Канзас, за малтретирање на ирачките затвореници рече дека е акт што заслужува осуда.

“Од она што досега го слушнав, се чини дека се работи за потфрлање во просудувањето, во дисциплината и во лидерството“, кажа сенаторот Робертс.

Потпретседателот на Комисијата, сенаторот Џеј Рокфелер од Западна Вирџинија побара истрагата од ирачките затвори да се прошири на сите места во светот каде САД држат воени притвореници. И надфвор од комисијата, демократите во Сенатот побараа инволвираните во случајот да се земат на одговорност.

Сенаторот Крис Дод од Конетикат е член на сенатотската комисија за надворешни работи.

“Се работи за тоа дека доколку постои синџир на команда и никој не ја презема одговорноста, тогаш таквиот синџир на команда е неприфатлив“, изјави сенаторот Дод.

Највисокиот по ранг демократ од Комисијата за надворешни работи, сенаторот Џо Бајден од Делавер, кажа дека ако вината се протегне се́ до канцеларијата на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд, тогаш тој треба да си даде оставка.

Господинот Рамсфелд во петок треба да излезе на сослушување пред Сенатската комисија за оружени сили во врска со малтретирањето на затворениците.

Во меѓувреме, администрацијата на Буш побара од Конгресот дополнителни 25 милијарди долари за американските воени операции во Ирак и Авганистан, со што го смени претходно искажаниот став дека нема да побара нови средства пред претседателските избори во САД овој ноември.

Барањето за нови средства доаѓа во време на засилено насилство во Ирак, што го натера одделот за одбрана да планира задржување на поголем број војници во земјата отколку што првично беше предвидено.

Новите пари доаѓаат како дополнение на 87-те милијарди долари што Конгресот ги одобри минатиот ноември, и 79-те милијарди на што законодавците ги одобрија во април минатата година.

XS
SM
MD
LG