Линкови за пристапност

Претседателот Буш ќе даде интервјуа за две арапски телевизии - 2004-05-05


Фотографиите на ирачки затвореници малтретирани од американски војници, објавени неделава, ги шокираа Американците и нанесоа штета на американскиот кредибилитет во арапскиот свет.

Виши претставници на Белата куќа велат дека во интервјуата за двете арапски телевизиски станици, претседателот, меѓу другото, ќе ги изложи мерките што се преземаат за казнување на оние кои ги малтретирале ирачките затвореници. Се очекува претседателот да ја повтори својата остра осуда на малтретирањето.

Но, според портпаролот на Арапската лига, Хосам Заки, Арапите првенствено ќе ги проследат интервјуата за да видат дали претседателот Буш ќе изложи некаква нова политика кон овој дел од светот. Тој додава дека иако Арапите биле шокирани од фотографиите на голите и малтретирани затвореници, арапскиот гнев кон САД во суштина се однесува на севкупната американска политика кон Ирак и ираелско-палестинскиот конфликт. Г-динот Заки смета дека осудата, па дури и изрекувањето на пресуди во случајот на малтретирање на ирачките затвореници, можат да имаат само ограничен ефект.

„Се додека не се промени генералната политика, мислам дека напорите за придобивање на јавноста ќе останат ограничени“, вели тој.

Но, египетскиот колумнист Садек Амин очекува интервјуата на претседателот Буш да имаат големо значење, дури и без некои големи промени во американската политика. Овој експерт за јавно мислење вели дека за Арапите и нивните лидери е важно да видат како претседателот Буш одговара за постапките на неговите војници.

„Ова е пример што треба да се следи. Доколку земјата или нејзините сили предизвикаат жртви, во арапскиот свет по традиција лидерите молчат. Ова е по првпат една земја од калибарот на САД да реагира кога се нанесени жртви а лидерите да не го негираат тоа, ниту пак да ги напаѓаат оние кои го откриле скандалот, како што се случува во арапските земји. Се надевам дека арапските лидери ќе научат од ваквата постапка на Буш и ќе реагираат на ист начин во врска со арапските затвори“, истакнува г-динот Заки.

Се очекува претседателот Буш во телевизискиот настап да говори и за војната во Ирак и за застојот во мировниот процес на Блискиот Исток, меѓу што и за неговата поддршка на контроверзниот план на премиерот Ариел Шарон за еднострано повлекување од Појасот Газа и делови од Западниот Брег.

Претседателот ќе одговора на прашања на известувачи од станицата Ал Арабија со седиште во Дубаи и новотворената арапска телевизија финансирана од американската влада Алхура.

XS
SM
MD
LG