Линкови за пристапност

Буш и Кери ја интензивираат изборната кампања - 2004-05-04


Претседателот е среде неговата прва формална постојана кампања годинава, што предвидува серија митинзи и други настани што се платени со средства од неговиот штаб за повторен избор.

Вчера изутрина тој отпатува во американскиот Среден Запад, при што неговиот претседателски авион го замени за автобус во црвена, бела и сина воја, со кој сега патува низ градовите на Мичиген и Охајо.

Тој предводи конвој од осум автобуси, а на секој од нив пишува “Да, Америка може“. Тоа е слоганот за неговото прво патување со автобус во кампањата во 2004, слоган што треба да зрачи со оптимизам во регионот кој се уште чека да ги почуствува сите ефекти од економското опоравување.

Во градот Најл, во државата Мичиген, претседателот е фокусиран на оваа позитивна тема.

“Една од причините зошто сум оптимист е затоа што ја знам силата и карактерот на американскиот народ“, изјави господинот Буш.

Во Најлс претседателот одржа изборен говор во локалното средно училиште и одговараше на прашања на жителите на оваа заедница. Повеќето беа за економија. Но во неговиот говор, господинот Буш повеќе зборуваше за националната безбедност.

Тој кажа дека неговата главна задача како претседател е американскиот народ да биде безбеден.

“Кога ја водев кампањата во Мичиген во 2000-та, не ни сонував дека ќе стојам пред вас четири години подоцна и ќе велам дека сме во војна. Тоа никогаш не ми паднало на памет. Но ние сме во војна“, кажа господинот Буш.

Претседателот кажа дека има план за победа во војната против тероризмот. Тој рече дека Америка е во офанзива и дека нема да попушти.

Но неговиот најверојатен противник од Демократската партија во Вашингтон го критикуваше претседателот за начинот со кој се справува со терористичката закана.

Сенаторот од Масачустетс, Џон Кери, зборуваше на националната средба на Анти-клеветничката Лига, инаку организација која е основана за борба против анти-семитизмот и другите форми на фанатизам.

“Имам намера да бидам претседател кој разбира како всушност вие ја правите Америка побезбедна и како најефикасно се борите во војната против теророт“, кажа господинот Кери.

Господинот Кери исто така ја искористи приликата да ја потврди неговата поддршка на Израел и кажа дека доколку биде избран тој ќе продолжи да работи за донесување на резолуција за решавање на долготрајниот израелско-палестински спор.

Ова се случуваше истиот ден кога во рамките на кампањата на Кери беа презентирани серија телевизиски спотови од 25 милиони долари. Во спотовите, се истакнува неговата служба во армијата за време на Виетнамската војна и ќе почнат да се емитуваат од денеска во 19 федерални држави.

XS
SM
MD
LG