Линкови за пристапност

Истраги по фотографиите за злоставување на ирачки затвореници - 2004-05-03


Дел од истрагата е насочен кон откривање на можната инволвираност на американското воено разузнавање во присилувањето на ирачките затвореници од затворoт Абу Граиб да позираат голи чија цел било изнудување на информации од страна на испрашувачите.

Заменик-директорот за коалициони операции генералот Марк Кимит, фотографиите на ирачките затвореници присилени да симулираат сексуални акти, ги нарече „доказ за криминално однесување“. Генералот изрази решителност за, како што рече „отворање на секоја врата и откривање на се што се случувало“. Во интервјуто за емисијата „Тудеј“ тој исто така кажа дека е загрижен оти реакциите на објавените фотографии во арапскиот свет би можеле да им наштетат на американските сили кои се распоредени во непријателски средини.

„Ние на светот треба да му покажеме дека нашите војници ги третираат нивните војници достоинствено и со почит. Во спротивно, ние немаме право да бараме такво нешто за возврат. Тоа ме загрижува“, вели генералот.

Меѓу последните реакции беше онаа на иранскиот министер за надворешни работи Камал Карази, кој ги обвини САД за брутални акции кои се спротивни на целта за промовирање на деморатијата.

Претседателот Буш ги осуди актите на малтретирање, нарекувајќи ги фотографиите многу вознемирувачки. Тој побаа од секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд да гарантира дека американските војници одговорни за нив ќе бидат казнети за како што ги нарече „срамните и застрашувачки акти“ против некои ирачки затвореници.

Внатрешната армиска истрага треба да открие дали военото разузнавање го поддржувало ваквиот третман.

Генералот Џенис Карпински, воен резервист, била одговорна за армиските резервисти во затворот. Таа вели:

„Имам долгогодишно искуство од Блискиот исток и ваквите акти никогаш не би биле одобрени, или доколку би ми биле кажани како сугестија за испрашување, никогаш не би биле одобрени“.

Таа за емисијата "Добро утро Америка" на телевизијата Еј Би Си изјави дека ќелијата каде Ирачаните наводно биле малтретирани била користена од страна на военото разузнавање, а не од воената полиција чии припадници работат како чувари во затворот.

„Тоа било работа на испрашување и изолирана процедура и било спроведено и оркестрирано од команда одделна од бригадата на воената полиција“, вели генерал Карпински.

Во овој момент, американската армија нема утврдено дали злоупотребите во Абу Граиб се изолирани инциденти. Покрај истрагата дали американското воено разузнавање издало наредба за малтретирањата, шестмина американски војници се соочуваат со можен воен суд заради поврзаност со ваквиот третман на затворениците. Најмалку шестмина други се соочуваат со остри мерки и можно предвремено завршување на воената кариера.

XS
SM
MD
LG