Линкови за пристапност

Конференција против антисемитизмот - 2004-04-28


Присуството на господинот Пауел ја нагласува американската загриженост за се́ поголемиот број на инциденти на антисемитизам во регионот на ОБСЕ последниве години. Тој пристигна со делегација на истакнати Американци, меѓу кои се наоѓа и добитникот на Нобелова награда во 1986 година и неуморниот активист за откривање на злосторниците од холокаустот, Ели Визел.

Минатата недела, една израелска невладина организација соопшти дека инцидентите во светот со напади врз Евреи и вандализам врз еврејски локации, се зголемиле за 15 проценти во периодот меѓу 2002 и 2003 година. Франција, Британија, Германија, Русија и Канада пријавиле најголем број на инциденти.

Нападите им се припишуваат на радикални десничарски организации, како и на млади припадници на муслиманските заедници во Европа, кои биле поттикнати од порастот на израелско-палестинското насилство во 2001.

Некои аналитичари велат дека противењето во Европа и на други места на израелската политика кон Палестинците произведува се́ поголема антипатија кон Евреите. Меѓутоа, портпаролот на Стејт Департменот, Ричард Баучер, вели дека настаните на Блискиот Исток не се изговор за чиновите на антиеврејска омраза.

“Со оглед на историјата на еврејскиот народ, многу е важно да се запамети и да се осигура секоја манифестација на антисемитизам да биде запрена и отфрлена од страна на цивилизираниот свет. Исто така, сметаме дека е многу важно да се обезбеди луѓето да не употребуваат политички изговори за некои залудни обиди да се оправда антисемитизмот или обиди да се најде оправдување за него. Антисемитизмот е неоправдан и може да има ужасни последици“, изјави господинот Баучер.

На почетокот на конференцијата, германскиот претседател Јоханес Рау кажа дека е важно да се направи разлика меѓу антисемитизмот и легитимната критика кон Израел. Господинот Рау потенцираше дека антисемитизмот веќе не е дело на една држава, како што беше случај со нацистичка Германија, и дека сега владите треба да најдат начин да се протистават на него.

Оваа средба, што е трета по ред голема конференција во Европа на тема антисемитизам изминава година, се одржува во услови на зајакнато обезбедување.

Државниот секретар Колин Пауел, покрај учеството на состанокот на ОБСЕ, има и билатерални средби со цел да се задржи воената коалиција во Ирак и да се постават основи за нова резолуција на Советот за безбедност на ОН за зајакнување на привремената влада што ќе ја преземе власта во Багдад на први јули.

Тој во текот на денот ќе има средби, меѓу другите, и со министрите за надворешни работи на Германија, Полска и Хрватска.

XS
SM
MD
LG