Линкови за пристапност

Сенаторот Либерман повикува на двопартиски договор за победа во Ирак  - 2004-04-27


Сенаторот Либерман, кој беше еден од кандидатите за претседател од Демократската партија на предизборите нешто порано годинава, како и кандидат за потпретседател во 2000-та, побара од американските политички лидери да ја ублажат реториката во врска со Ирак. „Повикувам на двопартиски, политички договор на домашен фронт што ќе ни помогне во голема мера да постигнеме победа што ја посакуваме на бојното поле во Ирак“, рече тој.

Сенаторот Либерман посочува дека повеќето членови на Конгресот се согласуваат со претседателот Буш дека Ирак треба да биде безбеден и дека треба да стане пример за демократијата на Блискиот Исток, но дека политичарите во Вашингтон честопати ја преиначуваат политичката дебата за Ирак во теснограда реторика на меѓусебно напаѓање меѓу демократите и републиканците. Џозеф Либерман, кој инаку безрезервно ја поддржа одлуката на претседателот Буш да започне воена операција во Ирак, смета дека таквата реторика само ги охрабрува непријателите на Америка.

„Мојата поента е дека домашниот фронт има влијание на воениот фронт. Политичката дебата, онаква каква што сега е во САД може и ќе има многу лоши последици во Ирак. Таа ги охрабрува нашите непријатели да веруваат дека успеваат во нивните обиди да влијаат на нашата политика. Тие јасно, според нивните постапки, како што е земањето заложници, масакрирањето на телата на мртвите, со нивниот тероризам, сакаат да внесат раздор и да ја скршат решеноста на американскиот народ“, додаде тој.

Сенаторот Либерман го повика претседателот Буш и лидерите во Конгресот да формираат двопартиски совет што често ќе се состанува за да разговара за развојот на настаните и одлуките за Ирак. Тој предлага членовите на советот да патуваат низ светот и да се среќаваат со политички лидери со кои би воделе дијалог за американските цели во Ирак. Господинот Либерман смета дека Советот би можел да помогне да се постигне консензус за политичките одлуки пред тие да станат, како што ги нарече, “отворени, домашни политички рани со меѓународни последици“.

XS
SM
MD
LG