И покрај студеното и облачно време, бранителите на правото на абортус го исполнија делот од главното шеталиште во главниот град на САД, меѓу споменикот Вашингтон и Конгресниот дом. Тие извикуваа слогани и носеа плакати во полза на правото на жената да избере да абортира. Меѓу нив имаше и познати личности од јавниот живот, како на пример лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси:
“Тука сме за да кажеме дека правото на жената сама да донесе одлука за сопствените репродуктивни прашања не е само работа што е „за“ правото на избор, туку тоа е и „за“ децата, „за“ семејството, „за“ уставот и „за“ слободата“, кажа госпоѓа Пелоси.
Студентката Наташа Дастур, стоејќи во толпата, мавташе со главата во знак на одобрување:
“Не постои причина поради која други би решавале што јас треба да сторам со сопственото тело“.
Абортусот е легален во САД по пресвртната одлука на Уставниот суд во случајот од 1973-та година, познат под името „Рој наспроти Вејд“. Меѓутоа, поборниците за правото на абортус се загрижени поради тоа што претседателот Буш минатата година стави потпис на закон со кој се забрануваат одредени видови на абортус во доцна фаза, или таканаречени абортуси со „парцијално раѓање“.
Во непосредна близина на активистите за правото на абортус, неколку стотици поборници кои се против него одржуваа контрадемонстрации. Еден човек мавташе со мошне впечатливи фотографии на абортиран фетус, извикувајќи преку мегафон:
“Сакате да говориме за оружје за масовно уништување? Погледнете ги овие фотографии на мртви бебиња поради абортус. Секој ден по 4.400 такви мртви бебиња во САД“.
Ренди Тери, кој е на чело на организацијата „Операција спасување“, што се залага жените кои несакано останале бремени да ги дадат децата на посвојување наместо да абортираат, вели:
“Ние веруваме дека овие демонстранти шират лаги, дека ова е протестен марш на смртта. Нивниот марш е во знак на поддршка на убивањето недолжни човечки суштества. Која е нивната порака – сакаме да имаме право да го убиеме своето чедо во кој и да е́ момент?“
Обете страни во јавната дебата околу абортусот се мошне добро свесни дека ова е изборна година во САД. Најверојатниот демократски кандидат за претседател, сенаторот Џон Кери од Масачустес – кој, инаку, го брани правото на абортус – не присуствуаше на овој протестен марш. Меѓутоа, многумина кои се абортусот носеа беџови и маици со неговото име. Тие наведуваат дека неколку судии на Врховниот суд се пред пензија, и дека наредниот претседател ќе биде во позиција да номинира кандидати што ќе ги пополнат испразнетите места во Судот, што пак ќе има влијание врз идните правни предизвици по основа на правото на абортус.