Линкови за пристапност

САД не се задоволни од количеството предадено оружје во Фалуџа - 2004-04-22


Стотици нови маринци се прераспоредуваат поблиску до Фалуџа, каде што веќе се наоѓаат 1.200 нивни припадници, кои веќе беа цел на напади.

Американската армија вели дека 36 бунтовници загинале во борбите со маринците во изминатите 24 часа, откако маринците биле нападнати со лесно оружје и гранати со пропелери. Коалицијата соопшти дека се слушале пораки од џамиите во Фалуџа со кои жителите се повикувалe да се борат.

Според договорот што беше постигнат во почетокот на неделава, милитантите треба да го предадат оружјето, по што маринците ќе им дозволат на жителите да се вратат во нивните домови, како и да пристигне хуманитарна помош. Но американскиот генерал Марк Кимит кажа дека бунтовниците досега предале само мало количество рѓосана или употребена муниција и неупотребливи пушки.

„Ова оружје не покажува дека тие сериозно сакаат мир. Минимумот е огромно поле полно со тешко оружје што се користи против народот во Фалуџа и против коалиционите сили во Фалуџа“, рече тој.

На периферијата од градот, американскиот генерал на новинарите им изјави дека бунтовниците имаат само неколку дена пред маринците да упаднат во упориштето на Суните, каде што последнава година се одвиваа најжестоките улични борби и када што им беше поставувена заседи на четворица американски цивили, а потоа нивните тела беа растргнати од разбеснетата толпа.

Во меѓувреме, американските претставници во Багдад го менуваат курсот и велат дека сега ќе им дозволат на поранешните офицери од ирачката армија и членови на партијата Баат на Садам Хусеин, да добијат позиции во новите безбедносни сили.

„Ќе има потреба од офицери со високи чинови. Ќе бидат потребни генерали, полковници, ќе бидат неопходни високи офицери“, додаде тој.

Портпаролот на коалицијата кажа дека се отворени места за способни членови на партијата Баат кои не вршеле злосторства во времето на Садам. По паѓањето на Багдад, пред една година, секретарот за одбрана, Рамсфелд кажа дека на овие луѓе нема да им биде дозволено да бидат на власт. Обидите за обука на Ирачани за новата полиција и безбедносните сили се покажаа како разочарување, бидејќи некои во текот на немирите ја напуштија службата, а други, пак, им се придружија на бунтовниците.

XS
SM
MD
LG