Американски официјални лица задолжени за борбата против нелегалната трговија со дрога во Конгресот сведочеа за врската меѓу парите од оваа трговија и терористичките организации.
Конгресните комисии се обидуваат да утврдат колку САД се успешни во борбата против нелегалната трговија со дрога, среде загриженоста дека парите потрошени за сузбивање на нарко-тероризмот во Колумбија и на производството на опиум во Авганистан не покажуваат доволно видливи резултати.
Том О’Конел е помошник-секретар за одбрана за специјални операции и конфликти од помал интензитет. Сеедно дали во Авганистан или во Колумбија, тој вели дека е очигледно оти терористичките организации во голема мера се финансираат од парите од трговијата со дрога. „Дознаваме се́ повеќе и повеќе за врската меѓу терористичките организации, трговијата со наркотици, трговијата со луѓе, шверцот со оружје, киднаперските групи и други транс-национални мрежи. Терористички групи, како што е FARC во Колумбија, Ал-Каида во Авганистан и други групи во светот можат да ги финансираат главните операции со пари добиени од дрогата“,
Господинот О’Конел вели дека американската помош во борбата против трговијата со дрога цели на, цитираме, „систематско растурање“ на мрежите за илегална трговија, преку спречување на приливот на дрогата во САД и преку засилување на војната против тероризмот.
Сепак, некои американски законодавци ги фрустрира, како што велат, недоследностите во напорите што се вложуваат, особено во Авганистан. Републиканскиот конгресмен Марк Саудер, претседавач на поткомисијата во Конгресот чија надлежност е борбата против трговијата со дрога, вели дека постои преголема тајновитост во однос на информациите во врска со успехот или неуспехот во американските напори.
Конгресменот Саудер реагираше на сведочењето од официјални лица, според кое голем дел од информациите за уништени лаборатории за дрога во Авганистан остануваат и натаму означени како „строго доверливи“ документи. „Немам никаква желба никого да ставам во ризик и разбирам дека постои политичка тежина, но Авганистан е поинаков вид на битка одошто е Колумбија, а во исто време, нам ни е тешко да вршиме надзор и да изведуваме заклучоци“, рече г-динот Саудер.
На вчерашното сослушување не присуствуваше никој од американската Централна команда кој би говорел за напорите што се прават во Авганистан.
Во друго сведочење, помошник-секретарот О’Конел и заднинскиот адмирал Дејвид Канкел од американската пацифичка команда, кажаа дека САД ја засилуваат соработката со клучните земји во Југоисточна Азија, како Камбоџа, Индонезија, Малезија и Филипините, кои, како што истакнаа, на своја територија имаат терористички групи поврзани со дрогата.
Сослушувањето беше дел од конгресното надгледување на програмите за борба против наркотиците што ги водат Пентагон, Стејт Департментот и други владини агенции.